Ерменците оптимисти пред утрешниот натпревар

Фудбалската репрезентација на Македонија утре во Скопје го игра вториот натпревар од Лигата на Нациите против Ерменија. Двете репрезентации во првото коло победија, па победниот ќе биде прв во групата.
За Ерменија настапува поранешниот фудбалер на „Вардар“, Хофханес Хамбарџумјан, кој има пофални зборови за македонските репрезентативци, но се надева дека утре тие ќе се радуваат.

Нè очекува еден интересен меч во кој ќе играат две квалитетни селекции. Добро ја познавам македонската репрезентација и знам што нè очекува. Ние ќе дадеме сè од себе, па нека победи подобриот. Комуницирам со колегите од „Вардар“ иако веќе не играм тука. Ги знам тајните на Македонија, на соиграчите ќе им ги кажам пред мечот, изјави Хамбарџумјан.

Селекторот Артур Минасјан смета дека Македонија може да биде фаворит само поради фактот што игра на домашен терен.

Со Лихтенштајн создадовме многу шанси, но искористивме само две. Се надеваме дека против Македонија ќе биде попрецизни. Дојдени сме за позитивен резултат и мора да ги користиме можностите кои ќе ни се укажат. Македонија може да се гледа како фаворит само поради тоа што игра дома, вели Минасјан.

Мечот меѓу Македонија и Ерменија се игра утре (недела) со почеток од 18 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.