Ерменија бара од Азербејџан да ги ослободи заробениците од Нагорно Карабах

Ерменија, пет месеци по завршувањето на борбите околу регионот Нагорно Карабах, го повика Азербејџан да ги ослободи сите воени заробеници.

Eрменскиот премиер, Никол Пашињан, на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва изјави дека тој проблем не е решен и додаде дека Ерменија сè уште има затвореници во Азербејџан.

Пашињан истакна и дека размената на заробени војници и цивили била договорена со спогодба меѓу двете земји во ноември минатата година, со посредство на Русија.

Азербејџан тврди дека сите затвореници биле ослободени во согласност со договорот, но нивното Министерство за надворешни работи, исто така, соопшти дека „борците испратени од Ерменија на териториите на Азербејџан“ по завршувањето на борбите во регионот Нагорно Карабах не биле опфатени со договорот.

Во краткиот конфликт во Нагорно Карабах што траеше помеѓу 27 септември и 9 ноември минатата година, Азербејџан поврати големи делови од територијата што ја изгуби во раните 90-ти.

Повеќе од 6.000 луѓе загинаа во конфликтот. Ерменија ја смета Русија за свој заштитник, додека Азербејџан е поддржан од Турција.