Ерменија обвини дека Турција префрла милитанти од Сирија во Карабах

Единици составени од милитанти од Сирија, веќе учествуваат во воените дејствија на азербејџанските сили во спорниот кавкаски регион Нагорно Карабах, обвини во понеделникот ерменскиот амбасадор во Москва, Вардан Тоганјан.

„Според нашите иформации неодамна околу 4.000 милитанти се распореде од страна на Турција од Сирија во Азербејџан (…) Нив ги обучуваат во кампови на милитантите“, додал амбасадорот во интервју за агенцијата РИА.

Дипломатот додава дека е тешко да се одреди етничкиот состав на овие милитантни групации.

Турција и во март годинава беше обвинета дека пренесува милитанти од Сирија во Либија. Тогаш, силите на Либиската национална армија (LNA), лојални на маршалот Калифа Хафтар, ја обвини официјална Анкара, која во либсикиот конфликт ја поддржува спротиставената влада во Триполи, дека во Либија префрлила околу 2.000 милитанти на џихадистичките организации Исламска држава и Џебхат ан-Нусра (сириското крило на Ал Каеда), како и околу 7.500 платеници од боиштата во Сирија, користејќи ја за тоа цивилната авијација.

Претседателот на самопрогласениот регион Нагорно Карабах, Арајик Арутјунјан, претходно во неделата рече дека азербејџанската армија за време на нападот користела турски борбени авиони „F-16“ кои веќе еден месец се наоѓаат во Азербејџан поради „наводни“ воени вежби.

Ситуацијата на тна „линија на контактот“ во јужнокафкаскиот регион Нагорно Карабах ескалираше во неделата утрото. Самопрогласената и непризнаета Карабашка Република, која е поддржувана од Ерменија, соопшти дека азербејџанската армија отворила воздушен и артилериски оган врз цивилни населби на нејзината територија, вклучително и врз административниот центар Степанакерт. Властите во оваа област соопштија за десетици жртви меѓу нејзините војници како и меѓу цивилите, како и стотина ранети.

Баку и Ереван меѓусебно се обвинуваат за најновата ескапалција на судирите кои траат уште од периодот пред распадот на поранешниот Советски сојуз. Ерменската армија објави снимки од уништување на неколку азербејџански тенкови и тврди дека соборила два борбени хеликоптера. Азербејџанското министерство за одбрана, пак, тврди дека ерменската страна ги започнала гранатирањата, а дека нејзините сили минале во противнапад.

Во неделата овој судир на јужен Кавказ низ кој минуваат стратешки правци за транспорт на гас и нафта, предизвика реакции од целиот свет и повици од ЕУ, САД, Русија и Турција, двете завојувани страни да покажа воздржаност.