Ескалира кавгата СДСМ – ДУИ: Закани за ново парламентарно мнозинство и откажување на предвремените избори

Неможноста да се дојде до сигурни 80 пратенички гласови кои ќе го поддржат владиниот предлог закон за јавно обвинителство предизвика драматични тензии меѓу владини коалиционери СДСМ и ДУИ.

Според неофицијални информации од пратениците, СДСМ вршеле притисок врз собранискиот спикер Талат Џафери да ја закаже седницата за гласање на законот за обвинителство и без обезбедено двотретинско мнозинство. ДУИ, пак, сметале дека пред да се влезе во пленарна сала и да се отвори расправата треба да биде веќе обезбедено потребното мнозинство.

Ситуација ескалираше со отворени закани од генералниот секретар на социјалдемократите кон интегративците дека ќе бидат исклучени од владината коалиција.

Генсекот на СДСМ Љупчо Николовски на својот фејсбук профил објави дека доколку се продолжи со тактизирање и не се закажат седницата за носење на повеќе закони, СДСМ ќе формира ново парламентарно мнозинство и нова влада која што би организирала избори во редовниот термин.

„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори. Северна Македонија нема да биде заложник на партиски и криминални интереси, правната држава и европската иднина се приоритет на граѓаните и за тоа ќе се бориме до последниот атом“, напиша Николовски на Фејсбук пренесувајќи дел од негова изјава за ТВ21 поврзана со денешните случувања во Собранието.

Според изјавата на Николовски, договорените предвремени избори на 12-ти април не би се одржале туку ќе се организираат избори во редовниот термин што би било во декември или најрано октомври годинава.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вечерва гостуваше на ТВ Алфа вели дека оваа изјава на Николовски најверојатно е напишана од „аболираниот Заев во состојба на нервоза“. Мицкоски вели СДСМ со ова се обидуваат да избегаат од изборно соочување, но и од одговорност за сторените криминали.

Во ДУИ дека тие во целост ги поддржуваат законите кои треба да се гласаат, а за изборите велат тие се консензуално договорени.

„ДУИ целосно ги поддржува законите за јавно обвинителство, совет на јавни обвинители, за одбрана, изборниот законик со корекција на изборните единици како и Преспанскиот, Охридскиот и добрососедскиот договор (н.з. договорот со Бугарија). Ние сме убедени дека законите и одлуките ќе се донесат пред распуштање на Собранието. Предвремените избори беа консензуално договорени кај Претседателот Пендаровски и политичката непредвидливост од било која страна е несериозна и неодрќлива за нашата земја“, велат од Демократската унија за интеграција.

Како коментар на зборовите на генералниот секретар на СДСМ се толкува обраќање на Џафери вечерва пред да ја прекине седницата на која на дневен ред беше законот за обвинителство. Џафери за утре повика на лидерска средба на која што ќе треба да се донесе одлука дали сите политички партии се се уште за избори на 12-ти април.