Ескобар: Обврска на Косово е да формира Заедница на српски општини

Косово мора да формира ЗСО што ќе ги зајакне општините со заеднички интереси, јазик и култура да се координираат за заедничките предизвици во обезбедувањето на некои јавни услуги, вклучително образованието, здравствената заштита.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар за време на своето обраќање пред американскиот Конгрес изјави дека владата на Косово мора да почне со формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) и оти двете страни мора да ги исполнат сите обврски што е можно побрзо.

– Косово мора да формира ЗСО што ќе ги зајакне општините со заеднички интереси, јазик и култура да се координираат за заедничките предизвици во обезбедувањето на некои јавни услуги, вклучително образованието, здравствената заштита и локалниот економски развој, рече Ескобар, презентирајќи го извештајот за ангажманот на САД на Балканот.

На прашањето дали премиерот на Косово, Албин Курти работи кредибилно на формирањето на ЗСО и дали ЕУ и САД ќе извршат притисок врз Белград доколку нема напредок од таа страна, Ескобар посочи дека договорот во Охрид беше „одлична можност за двете земји“ да воспостават добри односи и да ја отворат вратата кон Европа.

Тој истакна дека политиката на САД на Западен Балкан се заснова на едноставен принцип – продолжување на интеграцијата на регионот во евроатлантските структури.

– Србија мора да го признае интегритетот на Косово, симболите, пасошите, личните карти и да не го блокира Косово во ниту една меѓународна организација. Косово мора да формира ЗСО и ние сме посветени да обезбедиме дека двете земји се свесни за нивните законски обврски и се надеваме на напредок оваа година, рече Ескобар.

Тој додаде дека САД и ЕУ повикаа на итна деескалација, вклучително и одржување нови општински и избори за градоначалници во четири општини на северот на Косово со учество на Срби, како и повторно фокусирање на спроведувањето на договорот постигнат во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ.

– Заедно со нашите европски партнери остануваме ангажирани во Косово и Србија, повикувајќи ги двете страни да ги исполнат сите свои обврски, кои се неопходни за континуиран напредок на европскиот пат, рече Ескобар.

На прашањето какви чекори треба да преземе Курти кон деескалација и како да се отстранат американските санкции, тој рече дека се работи за последици, а не за санкции.

– Во интерес на Косово е да сфатат дека мора да ги слушаат европските совети, ние ќе им помогнеме да го разберат тоа, рече Ескобар.

Тој повтори дека САД секогаш биле покрај Косово, дека ја признаваат легитимноста на изборите и градоначалниците, и покрај противењето на Србија, и оти единственото барање е Приштина да не поставува градоначалници со сила.

Ескобар посочи дека САД треба да понудат опции за „градење отпорност кон надворешните влијанија на Русија“, а тоа е усогласување на партнерите со стандардите на ЕУ за набавка на критични инфраструктури и странски инвестиции, потоа за сузбивање на дезинформации и развој на чисти, сигурни, достапни и разновидни извори на енергија.

– Граѓаните на Западен Балкан сакаат подобра иднина за своите деца. Нашиот ангажман помага во остварувањето на тој сон и продолжувањето на двопартискиот ангажман во Конгресот останува клучен за тој успех, рече дипломатот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.