Ескобар: Зборувавме со Франција што е можно побрзо да почнат преговорите на Македонија со ЕУ

Заменик – помошникот на државниот секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, за Гласот на Америка на македонски, рече дека зборувал со Франција за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, и оти верува дека може да се постигне договор за кусо време.

„Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, веруваме дека како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат се` повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави. Секоја држава што влегла во ЕУ станала подемократска, попросперитетна и постабилна“, изјави тој, и додаде:

„Пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ треба да го реши Европа. Сепак, ние силно ја поддржуваме кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ, веруваме дека има завршено огромна работа, таа е веќе европска држава, културно и историски европска држава. Оттаму, сакаме да видиме да го почне процесот што е можно побрзо“, рече Ескобар.

Тој рече дека верува оти ЕУ не ја разочарала Северна Македонија бидејќи и натаму продолжува да ѝ помага.

„Верувам дека ќе постигнеме соодветен договор за многу кус временски период. Ќе работиме на тоа“, кажа тој.

Ескобар смета дека шест месеци, како што најави бугарскиот премиер Кирил Петков за решавање на спорот со Северна Македонија, се доволни да се решат проблемите, иако нагласи дека постои фрустрација меѓу европските партнери оти процесот не се одвива брзо.

Тој, исто така, рече дека САД остануваат на позицијата дека Северна Македонија и Албанија не треба да се одвојуваат во процесот на пристапување во ЕУ.

„Нема промена во позицијата на САД. Веруваме дека двете држави ја завршија работата, двете држави се движат во вистинска насока, двете држави имаат европски фокус и ориентација, и сакаме да ги видиме да се движат заедно. Сакаме да видиме дека се движат заедно брзо“, вели Ескобар.

На прашањето да ја искоментира изјавата на лидерот на партијата Има таков народ Слави Трифонов, дека САД треба да ги укинат визите за Бугарија ако сакаат Бугарија да го укине ветото за Македонија, Ескобар рече:

„Укинувањето на визите е комплетно одвоено прашање од нашите разговори за Северна Македонија. Има многу услови кои треба да се исполнат со цел државите да се квалификуваат за програмата за укинување на визите, и за жал тоа не може да биде предмет на преговори“.

Тој нагласи дека засега дипломатијата, а не санкции, останува единствен пат за конструктивен дијалог.

„Не сакам да зборувам за санкции бидејќи не сакам луѓето да мислат дека санкциите се механизам преку кој ние функционираме со други држави. Засега веруваме дека гледаме позитивни сигнали што доаѓаат од двата главни града, и сакаме да продолжиме со дипломатија“, вели Ескобар.

Според него, борбата против корупцијата е нешто на што треба да работи секоја држава во евроатлантската заедница, вклучувајќи ги и САД.

„Верувам дека секоја држава треба да работи на поголема транспарентност, владеење на правото и судска независност. Ќе продолжиме да работиме со Северна Македонија да видиме каде ние можеме да придонесеме кон тие напори“, рече Ескобар.

Тој додаде и дека Амбасадата на САД во Софија работи со бугарската Влада на прашањата за почитување на правата на македонското малцинство во Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев, по вчерашниот состанок на Советот за безбедност, повтори дека нема да го тргне ветото за Македонија, и оти дава дозвола за почеток на пристапните преговори на ЕУ само со Албанија.