ЕСМ доби грант од 20 милиони евра за хидроцентралите и ветерниот парк Богданци

ЕСМ соопшти дека доби два гранта од вкупно 20,5 милиони евра од Western Balkans Investment Framework (WBIF), за ревитализација на хидроелектраните и за Ветерен парк Богданци-втора фаза.

Станува збор за проекти финансирани со поволни кредитни линии и грантови од германската државна развојна банка КфВ, како и сопствени средства на АД ЕСМ, покрај средствата од WBIF кои дополнително ќе го помогнат и забрзаат изведувањето на работите.

-Ревитализацијата на хидроелектраните-трета фаза, за која се добиени 11,2 милиони евра грант, опфаќа активности за зајакнување на инфраструктурата, зголемување на доверливоста и оптимизација на производството на шест хидроелектрани: Вруток, Врбен и Равен во рамките на ХЕС Маврово, Глобочица и Шпилје во рамките на ХЕС Црн Дрим и хидроелектраната Тиквеш. Ветерниот парк Богданци-втора фаза, за кој се добиени 9,3 милиони евра како грант, е проект со кој се проширува ветерниот парк со нови турбини, со кои електраната ќе се заокружи на првично проектираната инсталирана моќ од 50 мегавати, информираат од ЕСМ.