ЕСМ ги искара бизнисмените и новинарите: Процесот за поевтина струја тече нормално

ЕСМ контра бизнисмените. Ги обвини дека критикувале без конкретни аргументи надвор од вистината. Од државните електрани тврдат дека процесот на аплицирање за евтина струја за фирмите тече непречено и сите пријавени ќе добијат субвенционирана енергија од први декември. ЕСМ ги отфрли критиките од стопанските комори дека процесот е во застој и дека службите бавно ги обработуваат барањата. Информираат дека даваат точни инструкции и поддршка за оние со некомплетна документација. Велат дека едвај 20 компании не доставиле комплетна документација и откако тоа ќе се реши, тие ќе добијат поевтина струја, но од први јануари.Сепак, признаваат дека поради новата наметната обврска од Владата, им треба повеќе време да го воспостават системот.

„При секое ново задолжение кое не било дел од тековното работење на Друштвото, потребно е време за воспоставување на системот и процедурите за негово спроведување, набавка и инсталирање на софтвер, обезбедување соодветни ресурси за физичко и правно процесирање на договорите и комуникација со субјектите кои се од цела држава и од различни категории на дејност“, – велат од ЕСМ.

Реакцијата на ЕСМ доаѓа два дена откако бизнисмените реагираа дека некои фирми и покрај тоа што доставиле уредна документација, не биле исконтактирани од ЕСМ ни дали треба нешто да се додаде, ниту пак дали е се во ред за да потпишат навреме договор. Стравуваа дека поради неработниов викенд ќе нема доволно време да го заокружат процесот и да добијат поевтина струја веќе од четврток.

Критики и кон телевизиите. ЕСМ се обиде вината за поплаките од стопанството да ја префрли и кон новинарите кои ги пренесоа изјавите на бизнисмените.

„Апелираме на одговорност кај медиумите, односно согласно правилата за известување, да побараат податок и од ЕСМ Продажба, пред да пренесуваат во јавноста критички ставови на лица кои не поседуваат податоци за вистинската состојба“, – велат од ЕСМ.

Нејасно е на што точно реагира ЕСМ во критиката кон новинарите дека не ги консултирале државните електрани за изјава, кога во четвртокот на прес конференција која траеше речиси еден час, директорот Ковачевски заедно со министерот за економија Бектеши и премиерот Ковачевски обемно објаснуваа токму за споменатиот процес на аплицирање. Соопштија дека се пријавиле едвај 235 компании. За волја на вистината искритикуваа дел од општините затоа што навреме не ги пријавиле училиштата и комуналните претпријатија за мерките за субвенционирање на струјата, но не и за евентуални проблеми со прехранбените фирми.

Медиумите вчера уредно го пренесоа и ставот на премиерот за ова прашање.

Инаку ова не е првпат министрите и директорите да ги критикуваат новинарите за својата работа и да даваат инструкции како требало да ги пренесуваат изјавите на трети лица. Ароганцијата на владините функционери особено се засили лани за време на енергетската криза. И годинава, додека бизнисот цели 7 месеци чекаше поевтина струја и зголемено домашно производство, во недостаток на уверливи аргументи за оправдување на неостварените ветувања, некои функционери не се воздржуваа од делење лекции по новинарство, критики дека постојано морале да одговараат на исти прашања и уверувања дека се ќе биде во ред додека дел од енергетските капацитети дел по дел откажуваа, а други не ни проработија. Последната реакција од Здружението на новинари се однесува на директорот на Топланата Скопје Север кој упати пцовки и омаловажувања кон новинарка за напис поврзан со недозволиво користење мазут за работа на топланата кој екстремно ја загадува животната средина.