ЕСМ може да обезбеди 100 отсто од потребите за струја на ЕВН Хоум и да ги покрие загубите на МЕПСО

-Врз основа на направени анализи и пресметки, АД ЕСМ утврди дека е во состојба да ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоум, односно 100 отсто да ги покрие потребите на Универзалниот снабдувач за граѓаните и за малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60 отсто), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО, соопштија од ЕСМ.
Додаваат дека, за таа цел, АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022г. за 20 отсто од производството во 2021г.
Конзумот на ЕВН Хоме е зголемен за 27 отсто, поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар (деловни субјекти, општини, јавно осветлување).
-Дополнителните потреби на ЕВН Хоме и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните Битола и Осломеј, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ Неготино, стои во нивното соопштение.

Според законските процедури, АД ЕСМ ќе поднесе понуда на јавната набавка на ЕВН Хоме со рок до 24.6.2022г.  и ќе достави до Влада пресметки и предлози во однос на цената и количините. После тоа, Владата на затворена седница ќе донесе одлука со препорачана цена и количина, која се доставува до ЕСМ. Согласно одлуката, ЕСМ во затворена понуда ќе аплицира на повикот на ЕВН Хоме.