ЕСМ: Од „Скопје Север“се одговорни за прекин на греењето во Чаир и Бутел, одбија да потпишат договор

Од државната енергетска компанија ЕСМ велат дека немаат ниту правна основа, ниту смеат да дадат неповратни субвенции на топланата „Скопје Север“ туку дека има заклучок на влада со кој се предвидува да се потпише договор како и за минатата грејна сезона, а кој предвидува приватната компанија да добие помош за набавка на гас, но потоа и да ги врати парите.

АД „Скопје Север“ одби да потпише договор за деловно-техничка соработка, велат од државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) префрлајќи ја одговорноста на оваа компанија за прекин на греењето на 500 домаќинства во Чаир и Бутел кои добиваат парно преку неа. Од ЕСМ велат и дека неостварливо е барањето на приватната „Скопје Север“ да добие неповратни субвенции бидејќи нема основ за тоа.

„АД ’Скопје Север‘ одби да го потпише договорот, затоа што овој субјект бара неповратни средства, односно смета дека треба да му се исплати финансиска помош која не треба да ја врати, иако АД ЕСМ истите средства ги должи кон државниот буџет. ’Скопје Север‘ побарува субвенционирање директно од АД ЕСМ, кое нашата компанија ниту има правен основ, ниту смее да го прави, односно смее да постапува исклучиво по задолжението од Владата и во рамките на одобрениот договор од страна на Владата“, велат од ЕСМ.

Оттаму потсетуваат дека Владата на седница донела заклучок со кој ја задолжила ЕСМ за оваа грејна сезона (2022/23) да склучи договор за деловно техничка соработка ист како и за минатата за 2021/22 година. Тој договор, како што објаснуваат од државната компанија, предвидува на „Скопје Север“ со пари од државниот Буџет да му се помогне во набавката на гас, а средствата да бидат обезбедени со гаранција од страна на „Скопје Север“.

Откако по потпишување на договорот и по правењето на пресметки за цената за топлинската енергија кои треба да се достават во Влада и да се побараат субвенциите за грејната сезона 2022/23. Приватната „Скопје Север“ ќе добие субвенциите, исто како и останатите топланите „Исток“, „Запад“ и „Енергетик“, откако ќе се потпише договорот и ќе се направат пресметки за цената на топлинската енергија со коишто ќе се побараат пари од Владата.

„Од примените субвенции и од остварената наплата од потрошувачите, АД Скопје Север ќе треба да ги врати средствата кон АД ЕСМ, примени како помош со договорот“, прецизираат од ЕСМ.

Премиерот Димитар Ковачевски, на почетокот на ноември апелираше Скопје Север“ да го потпише договор и беше дециден дека ЕСМ не може да му даде субвенции. Другата опција која тој ја кажа, е преземање на управувањето.

„Се работи за договор и ЕСМ не може да дава помош на кого било затоа што се работи за акционерско друштво во државна сопственост. Тие може да склучуваат или договор за деловно-техничка соработка, каде што точно се наведуваат обврските и одговорностите на двете договорни страни, во овој случај на ЕСМ и на Топлана Север, или може да се пристапи како што се пристапи во случајот на БЕГ, со преземање на управувањето, врз одредби од Законот за енергетика и на други поврзани закони и согласно одлуки на Регулаторната комисија за енергетика за преземање со управувањето на компанијата и испорачување на топлинска енергија“, изјави тоггаш Ковачевски.