ЕСМ поделило 2,6 милиони К-15 во време на пандемија

68

Во сред пандемија, во која државата отвора сметки и бара од граѓаните да донираат пари, државната компанија Електрани на Северна Македонија овој месец им исплатила на вработените К-15, за што биле потрошени над 2,6 милиони евра.

Пари добиле сите 5.600 вработени и тоа по 26.000 денари или по една просечна плата во компанијата. Од ЕСМ велат дека исплатата е одобрена од Управниот одбор и нема законска пречка. Дополнително со исплатата на К-15, велат дека во буџетот се влезени 260 000 евра, по основ на платен персонален данок.

„ЕСМ не зема средства од државниот буџет, напротив го полни. Парите за К-15 беа резервирани уште во 2019 г. ЕСМ исплаќа милионски суми во текот на годината за донации и други видови помош спрема различни државни и приватни субјекти. Членовите на УО своите плати над износот од 14.500 ден ги уплатија во фондот за борба против Ковид19.“

Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци за плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Тоа значи дека исплатата на К-15 е со законска основа. Но сепак од Министерството за финансии велат дека оваа постапка не е коректна и не биле известени за тоа. Јавните претпријатија треба да го земат предвид моралниот аспект на постапката во оваа криза, велат од финансии.

„Со укинувањето на уредбата од страна на Уставниот суд, нема законски основ по кој може да им се ограничи ваквата исплата на јавните претпријатија, но сепак во вакво време сите треба да го имаме предвид и моралниот аспект и одговорноста и оправданоста на секоја одлука која ја носиме, велат оттаму.

На 1 април Владата одлучи да се кратат непродуктивните расходи, донесе и времена забрана за нови вработувања, ангажирања на привремено и нови договори на дело, кратење на спонзорства, реклами, набавка на мебел, опрема, возила и други расходи кои суштински не се поврзани со справување со COVID-19.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.