ЕСМ ветува дека нема да има струјни, ценовни шокови од 1 јануари

-Наша заложба е да нема значително зголемување на цените на електричната енергија по 1 јануари иако трендот на раст на енергенсите за производство на електрична енергија, на производството и на берзанските цени укажуваат дека треба да има значително зголемување, порача денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

-Дури можно е да има  одредено намалување на цената за првиот и за вториот блок за  граѓаните кои штедат и трошат помалку енергија, како и за оние кои имаат помали примања и живеат во мали објекти. Токму за нив Владата бара начин да нема зголемување. Во четвртиот блок се најголемите потрошувачи кои трошат најмногу енергија и користат поголеми капацитети за загревање. Таму ќе има поголемо зголемување, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека мора да има социјална правда и оние кои имаат пониски сметки да плаќаат помалку, а тие што си дозволуваат поголема потрошувачка на електрична енергија да плаќаат повеќе.

Од 65-те илјади субјекти, мали потрошувачи на регулираниот пазар, во изминатиот период околу седум илјади ги затвориле своите капацитети поради цената на електричната енергија.

-Правиме пресметки цената која ЕСМ ќе ја дава кон ЕВН Електродистрибуција и кон МЕПСО заедно со онаа кон ЕВН Хоум да не предизвика зголемување на сметките, односно дури да може да има намалување на цената за крајните потрошувачи, потенцира Ковачевски.

Тој прецизира дека за потребите на ЕВН Хоум ќе се достават табела од сегашната цена од 48 евра за мегават час и н агоре, а Владата на затворена седница ќе одучува која цена ќе биде препорачана и во затворен плик ќе ја достави на денот на тендерот на ЕВН Хоум.

ЕСМ денеска треба да ја достави цената по која Електродистрибуција ќе ги покрива загубите во системот, утре треба да биде доставена цената за ЕВН Хоум, а во понеделник за покривање на загубите во системот на МЕПСО.

Се очекува од вторник, па до крајот на следната недела РКЕ, да ја донесе одлуката за цената на струјата што ќе важи од 1 јануари идната година за да може навреме ЕВН да ги подготви софтверите. Засега се знае дека по 1 јануари ќе се зголеми ДДВ-то за потрошената електрична енергија од сегашните 5 на 10 отсто, но сепак ќе остане со повластена стапка до јули идната година кога согласно одлуката на Владата треба да се врати на вообичаените 18 отсто.