Еспер ја предупреди Европа: Чувајте се од Кина и Русија

99

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер ги предупреди денеска европските сојузници да не бидат наклонети кон Кина, тврдејќи дека Пекинг тежнее да оствари свое големо глобално влијание со користење на економската моќ и кражба на технологијата.

– Колку повеќе земји станат зависни од кинеските инвестиции и трговија, толку повеќе ќе бидат подложни на принуда и одмазда кога ќе дејствуваат против желбите на Пекинг, истакна Еспер во говорот на Институтот Ројал јунајтед сервисис.

Тој ги предупреди своите пријатели во Европа дека „ова не е проблем во некоја далечна земја, кој вас не ве интересира“.

На сличен начин Еспер ја критикуваше и Русија поради „непочитување на контролата на оружје и агресијата во Европа“, вклучувајќи ја, како што нагласи, „анексијата на Крим во 2014 година“ и тоа што го нарече „продолжување на агресијата на Москва во источниот дел на Украина“.

Одговарајќи на прашањата на присутните, американскиот министер истакна дека руските крстосувачки ракети „земја-воздух“, кои се насочени кон Европа, „веројатно се со нуклеарни глави“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.