Еспер не ги видел доказите дека Иран планира напади врз четири амбасади

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер не ги видел специфичните разузнавачки докази за тоа дека Иран планира да нападне четири амбасади на САД, потврди во неделата челникот на Пентагон и повтори дека Вашингтон е подготвен без предуслови да преговара со Техеран.

Во емисијата „Face the Nation“ на американската телевизиска мрежа CBS News, министерот за одбрана Марк Еспер рече дека се согласува со оцената на американскиот претседател Доналд Трамп дека нападите врз американските амбасади се веројатно, но рече дека таа оцена не се темели на некои специфични докази.

„Кога претседателот вели дека можеби би можело да има нови напади врз амбасадите, го споделувам тој став“, рече Еспер.

На инсистирање на новинарот дали видел конкретни разузнавачки докази, Еспер одговори „Немам видено докази во врска со четири амбасади“.

Повеќе американски високи функционери ја оправдуваа ликвидацијата на иранскиот генерал Касам Сулејмани во Багдад на 3-ти јануари, со изјавата дека на американските дипломати и службеници во Ирак и во регионот им се заканувале непосредни напади коишто наводно ги подготвувал споменатиот моќен ирански воен командант.

Претседателот Доналд Трамп во петокот рече дека Иран, веројатно, ја целел американската амбасада во Багдад, како и дека Иран планирал напади врз четири амбасади на САД. Демократите и неколку републиканци во Конгресот ја проблематизираа оправданоста на американскиот атентат врз Сулејмани и додадоа дека за тоа не биле навремено и детално информирани.

Еспер во споменатото интервју тврдеше дека Вашингтон и натаму е подготвен да преговара со Техеран без предуслови.

„Подготвени сме да седнеме на преговарачката маса и да разговараме без предуслови, ќе биде тоа чекор напред, низа чекори преку коишто Иран треба да стане подобра нормална земја“, рече Еспер.

Тврди уште и дека иранската влада е „корумпирана“. Меѓутоа „сѐ уште тоа е легитимна влада“, рече американскиот министер за одбрана.