Естонија ги затвора границите за Русите со шенген визи

Естонија следната недела ќе ги затвори границите за руските граѓани со шенген визи издадени од таа земја, соопшти денеска естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу.

„За една недела ќе се применат санкции за шенген-визите што Естонија им ги издава на граѓаните на Русија. Санкцијата значи дека визите ќе останат валидни, но носителите на виза ќе бидат санкционирани при влез во Естонија, односно ќе им биде забранет влезот“, рече Рејнсалу на прес-конференцијата.

Тој изјави дека вработените во дипломатските претставништва во Естонија и членовите на нивните семејства, лицата кои се занимаваат со меѓународен карго и патнички транспорт и оние кои имаат право на слободно движење според правото на ЕУ ќе бидат ослободени од санкции, пренесува РИА Новости.

Од санкциите ќе бидат ослободени и лицата чиј влез во Естонија е неопходен од хуманитарни причини, блиските роднини на естонските државјани и оние кои имаат дозвола за постојан престој во Естонија, пренесува Танјуг.

Естонскиот премиер Каја Калас во вторникот рече дека е неопходно да се прекине издавањето туристички визи за руските граѓани и ја нарече посетата на Европа „привилегија, а не човеково право“.

По почетокот на војната во Украина, некои европски земји предложија да се ограничи издавањето шенген визи за Русите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред два дена ги повика западните земји да забранат влез на сите Руси на една година. Зеленски во интервју за Вашингтон пост оцени дека најважни санкции се затворањето на границите бидејќи „Русите земаат туѓа земја“.