Естонскиот министер ја призна автентичноста на разговорите со Ештон

Министерството за надворешни работи на Естонија ја потврди автентичноста на телефонскиот разговор на шефот на естонската дипломатија, Урмас Пает, со високата претставничка на Европската унија, Кетрин Ештон, во кој се говорел за снајперистите во Киев кои што се ангажирани на Мајдан.

„Сега е се’ појасно и појасно дека зад снајперистите не бил поранешниот украински претседател Јанукович, туку некој од новата коалиција“, рекол Пает во текот на телефонскиот разговор со Ештон, чија снимка се појави на „Ју Тјуб“.

Пает потврди дека разговорот бил направен откако се вратил од Киев на 25-ти февруари и дека е „многу жално што прислушувањата воопшто се случуваат“, како и дека „не е случајно токму сега што се поставува на Интернет“.

Ештон не сакала да го коментира разговорот, а нејзината портпаролка Маја Коцијанчиќ рекла дека тие не смеат да коментираат било какви приватни разговори.

Министерство за надворешни работи на Русија регирало со чудење на ваквиот став на ЕУ.

„Одбивањето ЕУ да го коментира тој разговор не’ зачуди, бидејќи неодамна еден висок претставник на ЕУ во живо го коментираше аудио записот на американскиот дипломат Викторија Нуланд“, која во разговор со амбасадорот во Киев алудирала на неспосбноста на Брисел.