ЕУ ја намали казната за Унгарија во замена за откажување од ветото

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија изгласале доцна ноќта во понеделникот одлука за замрзнување на 6,35 милијарди евра од кохезиските фондови на Унијата за Унгарија, за нешто помалку од сумата којашто ја предлагаше Европската комисија, во замена Будимпешта да се откаже од ветото за помошта за Украина и за согласност во преговорите околу минималната стапка на корпоративниот данок.

Ова е првпат да се употреби уредбата за „општиот режим на условеноста“, којашто му овозможува на Советот на ЕУ на барање на Европската комисија да донесе, меѓу другото, мерки против суспендирањето на плаќањата коишто се финансираат од буџетот на ЕУ или суспендирањето на одобрувањето на еден или повеќе програми финансирани од тој буџет.

Комитетот на постојаните претставници (Coreper), кој го сочинуваат амбасадорите на земјите членки на ЕУ, му препорачал на Советот на ЕУ оваа одлука да ја донесе со писмена процедура.

„Препораката значи дека Комитетот на постојаните претставници го најде потребното квалификувано мнозинство за наметнување на мерките за заштита на буџетот на ЕУ од последиците од кршење на принципот на владеењето на правото во Унгарија, во врска со јавните набавки, ефикасноста на обвинителството и борбата против корупцијата“, соопшти Советот.

Европската комисија предложи на Унгарија да ѝ бидат замрзнати 7,5 милијарди евра од три ткн кохезиски фондови, што е околу 65 отсто од средствата на коишто оваа земја има право од редовниот седумгодишен буџет за периодот од 2021 до 2027 година. Со оваа одлука оваа сума е намалена на 6,35 милијарди евра, што е околу 55 отсто од вкупната сума на којашто Унгарија има право.

Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан поради тоа и другите притисоци врз неа од страна на бирократијата во Брисел којашто Будимпешта ја обвинува за поттикнување на поткопување и смена на актуелната унгарска власт, се закани со вето на планот за макрофинансиската помош на ЕУ за Украина во износ од 18 милијарди евра за 2023 година, како и на договорот за минималната стапка на корпоративните даноци од 15 отсто. Овој договор беше постигнат на ниво на ОECD за да се затворат прегуграничните даночни дупки коишто ги користат големите мултинационални корпорации.

Советот најави дека ќе го потврди националниот план за закрепнување и отпорност на унгарската влада, со тоа што исплатата на парите ќе го услови со исполнување на строги услови. Доколку ЕУ не го одобри овој план до крајот на годината, Унгарија неповратно би загубила 70 отсто од 5,8 милијарди евра од Механизмот за закрепнување и отпорност.

Сега Унгарија може да очекува исплата на тие средства во следните две години, доколку ги исполни условите на кои беше принудена самата да се обврзе во својот национален план за закрепнување и отпорност. Исто така, може да ги одмрзне 6,23 милијарди евра од кохезиските фондови, доколку ЕУ оцени дека Будимпешта ги преземала бараните реформи во сферата на владеењето на правото.