ЕУ ја одложи одлуката за забрана на моторите со внатрешно согорување по 2035-та

Земјите членки на Европската унија во петокот одлучија да ја одложат конечната одлука за воведување забрана за продажба на нови возила со мотори со внатрешно согорување по 2035 година, објави шведското претседателство.

Конечната одлука требаше да ја донесат министрите за животна средина кои ќе се состанат следната недела, на 7 март, а сега замениците шефови на постојаните претставништва на земјите членки (Coreper I) одлучија да ја одложат за подоцнежен состанок на Советот, соопшти портпаролот на шведското претседателство со Советот на ЕУ, Даниел Холмберг, без да ги наведе причините за доцнењето.

Преговарачите на Советот на ЕУ, кој ги претставува земјите членки и Европскиот парламент, на крајот на октомври минатата 2022 година постигнаа начелен договор за регулатива со којашто се предвидува задолжителна примена на стапката на нулта емисија на нови автомобили и комбиња од 2035 година, што значи дека оттогаш повеќе не може да се продаваат нови автомобили на бензин и дизел.

Потоа, договорот беше потврден од Европскиот парламент на пленарната седница на 14-ти февруари, а остана конечната одлука на Советот за регулативата да стапи во сила.

Меѓутоа, во последно време почнаа да се слушаат критички гласови, особено во Германија и Италија, две земји-членки со многу силни автомобилски индустрии, дека предвидениот рок е премногу амбициозен и предвремен.

Покрај Италија и Германија, резерви за оваа регулатива имаат и Полска и Бугарија. Доколку Германија беше воздржана, а Италија беше против, немаше да има доволно гласови во Советот за квалификувано мнозинство. Одлука во Советот може да се донесе доколку за неа гласаат најмалку 15 од 27 земји-членки, кои имаат најмалку 65 отсто од населението на ЕУ.

Убедливо мнозинство немаше ниту во Европскиот парламент. За одлуката гласаа 340 пратеници, против беа 279, а воздржани 21 пратеник. Регулативата ја поддржаа претставници на социјалдемократите, зелените и либералите.