Еу амбасадори: Нема да се навраќаме на прашањето додека нема решение меѓу Македонија и Бугарија

Амбасадорскиот состанок на ЕУ денеска не донесе напредок во позициите на Бугарија за усвојување на преговарачката рамка соМакедонија, исходот ќе зависи од билатералните разговори помеѓу Скопје и Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Ништо не е сменето во бугарската позиција – е реакцијата на ЕУ дипломатите попладнево по завршувањето на разговорите на амбасадорско ниво во Брисел за усвојувањето на преговарачката рамка з Македонија.

Бугарскиот амбасадор при ЕУ ја изложил истата позиција за точките кои се неприфатливи за неговата земја и поради кои не може да даде зелено светло за усвојување на преговарачката рамка.

Останатите амбасадори не гледаат причина да се навратат на ова прашање на наредните состаноци сѐ додека не дојде до напредок на билатерално ниво помеѓу  Македонија и Бугарија, брифираат од Советот на ЕУ.

Контактите се интензивни, тврдат дипломатите во ЕУ, исто како и обидите за медијација на спорот од страна на германското претседателство и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, за да се постигне компромис кој ќе овозможи до крајот на оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и  Македонија и со тоа да се отворат првите преговарачки поглавја.

Oд сите средби на земјите членки произлегува дека сите земји членки се за остварување на оваа цел.

Одредени држави кои се понаклонети кон брз процес на проширување и поголема флексибилност во процедурата исто така изразуваат резерви во однос на крајните заклучоци, но според повеќето дипломати со кои разговараше МИА, ќе биде тешко да се убедат земјите кои се повоздржани во однос на проширувањето.

Министерскиот совет на кој треба да се усвои преговарачката рамка денеска беше одложен за една недела и ќе се одржи на 17 наместо на 10 ноември, што им остава десет дена на Скопје, Софија и нивните медијатори да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор, со што би се отстраниле бугарските резерви.

МИА