ЕУ апсолутно ја признава ранг листата „Дуинг бизнис“

Европската унија апсолутно ја признава и ја смета за повеќе од веродостојна ранг-листата „Дуинг бизнис“ што ја прави Светската банка, каде се рангираат земјите што нудат најповолни услови за правање на бизнис. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова го потврди портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас на прес-конференција во Брисел, како одговор на покренатите сомневања од индивидуалци во ЕУ, во однос на ранкингот што го прави Светската банка, пренесе МИА.

– Ранкингот „Дуинг бизнис“ го прави Светската банка. Истиот е широко признаен и се применува и од многу наши секторски полики, истакна Схинас, кој е и гласноговорник на новиот претседател на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер.

Во рамки на неформалната Влада на Унијата, сомневањата во ранг-листата на Светската банка се третирани како лудост, бидејќи се работи за една од најмоќните финансиски институции на светот и рангирањето, кое се прави според многу економски параметри, се смета за апсолутно праведно и релевантно. А, како што е познато, последниот извештај „Дуинг бизнис“ за 2015 година, што неодамна го издаде Светската банка, Република Македонија е рангирана на 30. место, со што земјата напредувала за 64 позиции во однос на изминатите девет години.