ЕУ бара БиХ да ги поддржи санкциите за Русија, Додик е неутралност

Властите во Босна и Херцеговина да ја следат политиката на Европската унија за украинската криза, да ги поддржат санкциите за Русија поради агресија, повика денеска, шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер.

Бараме БиХ да се приклучи на политиката на ЕУ, изјави Сатлер во интервју за „Независне новине“.

Тој потсети дека обврската, за усогласување со надворешната политика на ЕУ, произлегува од одлуката БиХ да бара членство во Унијата.

Покрај Србија, БиХ е единствена држава во регионот која досега не воведе санкции за Русија, по примерот на договорените од членките на ЕУ. Белград ја разгледуваше можноста да воведе санкции, но одби да го стори тоа, правдајќи се со потребата за заштита на своите национални интереси. Во Сараево не се ни водеше расправа на темата, бидејќи тројцата членови на Претседателството БиХ, имаат потполно спротивставени ставови за украинската криза или за руската агресија.

Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ веднаш остро ја осудија руската инвазија врз Украина, но, српскиот член на државниот врв, избегнуваше какви било критики за Москва, инсистирајќи на тоа, дека БиХ, во оваа ситуација, мора да остане неутрална.

– Јас сметам дека ние треба да останеме без излишни коментари за тоа, најкорисно за нас е да останеме потполно неутрални и таква наредба да му се даде на целиот дипломатски систем, изјави претходно Милорад Додик.

Тој појасни дека ќе гласа против воведување санкции за Русија, кога и доколку, тоа прашање дојде на дневен ред на седница на Претседателството на БиХ, единственото надлежно за водење надворешни политики во земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.