ЕУ бара целосна либерализација на поштенскиот пазар во земјава

32
Ограбена поштата во село Жван
Ограбена поштата во село Жван

Агенцијата за пошта повторно ќе препорача целосна либерализација на поштенскиот пазар во државава, што е една од забелешките во Извештајот на ЕК за оваа област, од каде препорачуваат регулаторното тело да продолжи со јакнење на административнте капацитети, а властите да ја почитуваат неговата независност.
„Либерализацијата на пазарот беше одложена во четири наврати. Последното одложување беше со законската измена и важи до 1 јануари 2020 година. Агенцијата за пошти во континуитет ќе остане на ставот дека либерализацијата мора да се случи, изјави денеска за МИА директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓореска.
Според неа, Македонска пошта се подготвува за претстојниот процес на целосна либерализација.
„Имаме одлична соработка со Македонска пошта и ќе почнеме да работиме на усогласување за измени на Законот за поштенски услуги каде што ќе ги имаме во предвид сите недостатоци и потреби што произлегуваат од секојдневното работење. На добар пат сме да направиме добро и за пазарот и за сите даватели на поштенски услуги“, рече директорката на АП.

Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, претставувајќи ги предизвиците за поштенскиот сектор во државава од Извештајот на ЕУ потенцираше дека претстојат уште многу активности за целосно либерализирање на поштенскиот пазар.
„Препораките се дека пазарот треба да биде либерализиран до 1 јануари 2020 година, а тоа е датум што веќе тропа на вратата. Македонска пошта односно назначениот поштенски оператор за унвиерзална услуга мора да воведе посебно сметководство и пресметување на нето трошоците за воопшто пазарот да биде либерализиран. Истовремено властите мора да ја почитуваат независноста на Агенцијата за пошти и да се зајакнат административните и регулаторните капацитети на ова тело“, изјави Бертолини.
Александар Милошевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори каде членуваат приватни поштенски оператори, се надева дека годинава нема да се одложи либерализацијата за која како што истакнува треба да бидат подготвени и 30-те приватни поштенски оператори кои ќе добијат дополнителна работа.
Состојбите на поштенскиот пазар се дел од темите на пленарниот состанок на Европскиот комитет за поштенска регулација, што се одржува денеска и утре во Скопје, а чиј домаќин е Агенцијата за пошти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.