ЕУ бара од Израел веднаш да им стави крај на новите градби на палестинска територија

Европската служба за надворешни работи ја осуди новата најава на израелските власти дека одобрува градба на две илјади нови станбени проекти на окупираниот Западен Брег, кој е палестинска територија.

– Позицијата на Европската Унија за израелската политика на населување во окупираната палестинска територија е јасна и останува непроменета: целата активност на населување е нелегална според меѓународното право и ја поткопува одржливоста на решението на две држави и изгледите за траен мир, како што потврдува резолуцијата 2334 на Советот за безбедност на ОН, стои во реакцијата на европската дипломатија.

Унијата воедно го осудува и одобрувањето на израелските власти за изградба на нов тунелски пат кој го заобиколува Витлеем на запад.

– Прогресивната изградба на посебна патна мрежа, која ги поврзува населбите и излезните места едни кон други како и кон патната мрежа во Израел, заобиколувајќи ги палестинските градови и заедници, претставува вкоренување на фрагментацијата на Западниот Брег. ЕУ го повикува Израел да стави крај на целата активност на населување, согласно нејзините обврски како окупаторска моќ, порачува Европската Унија.