ЕУ бара почитување на Уставот на Косово при формирањето власт

Уставот мора да се почитува при формирањето на новата косовска влада, изјави портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич, откако лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, рече дека нема да има министри од Српска листа во владата што ќе ја предводи.

Пред разговорите за формирање на нова косовска влада, која најверојатно ќе биде составена од Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово на Иса Мустафа, таа за „Газета експрес“ рече дека ЕУ чека да се формира нова влада веднаш штом ќе завршат процедурите.

– Ова е важно за да може Косово брзо да продолжи да работи на реформите за поддршка на економскиот и социјалниот развој, како и на владеењето на правото, во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Косово и во дијалогот со Србија што ќе го води ЕУ, изјави Коцијанчич.

Според неа, ЕУ очекува сите политички чинители да бидат посветени на овие процеси, кои се „суштински за иднината на Косово, како и да го унапредат европскиот пат што е најважно, во корист на граѓаните на Косово и на целиот регион“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.