ЕУ бара Русија веднаш да ги ослободи затворениците на Крим

Европската Унија очекува веднаш сте нелегално затворени Украинци да бидат ослободени од страна на Русија, вклучително и на Крим, јави дописничката на МИА од Брисел.

Руските власти на Крим, кои се сметаат за нелегитимни од страна на ЕУ, вчера прогласија казни против неколку политички претставници како првиот потпретседател на владата на кримскиот татарски народ, Нариман Џељал, и браќата Асан и Азиз Ахметови. ЕУ оцени дека оваа казна е политички мотивирана и следи по нелегалниот притвор изречен од руските власти.

-Европската Унија очекува сите Украинци нелегално притворени од страна на руските власти веднаш и безусловно да бидат ослободени. Кримските Татари се сѐ почесто мета на Русија, посебно во контекст на неиспровоцираната и неоправдана војна на агресија врз Украина и анексијата на Крим, изјави портпаролот за надворешна политика на ЕУ, Петер Стано.

Унијата повторно ја повика Русија да ги почитува своите обврски кои произлегуваат од меѓународното право и да им стави крај на нарушувањата на човековите права на жителите на Крим.