ЕУ ќе бара воведување на санкции за Иран поради смртта на Махса Амини

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека сака Европската унија да воведе санкции против Иран поради смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор и задушувањето на демонстрациите.

„Иранските власти мора веднаш да престанат со бруталното однесување кон демонстрантите“, рече германскиот министер, повикувајќи на истрага за смртта на Махса Амини и оние што протестираат поради тоа, пренесува Танјуг.

Се вели дека блокот на ЕУ последен пат се согласил за санкции за човекови права против Техеран во 2021 година.

Сепак, се додава дека ниту еден Иранец не бил ставен на списокот од 2013 година, бидејќи ЕУ избегна да го налути Иран, со надеж дека ќе го зачува нуклеарниот договор што Техеран го потпиша со светските сили во 2015 година. Во моментов, серија санкции се во сила за околу 90 Иранци поединци, кои се обновуваат секој април.

На 22 септември, Америка воведе санкции на иранската полиција за морал поради наводите за злоупотреба на Иранки, сметајќи дека единицата е одговорна за смртта на Махса Амини, откако таа беше уапсена во Техеран за носење „несоодветна облека“.

Француското Министерство за надворешни работи во понеделникот сигнализираше дека ќе ги поддржи санкциите, велејќи во соопштението дека Париз ги испитува достапните опции за одговор на блокот во случај на „нови масовни злоупотреби на правата на жените и човековите права во Иран“.

„Европската унија ќе продолжи да ги разгледува сите опции што и се на располагање пред следниот Совет за надворешни работи за справување со убиството на Махса Амини и начинот на кој иранските безбедносни сили одговорија на демонстрациите што следеа“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ и обезбедувањето, Џозеф Борељ.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси во средата изјави дека смртта на Амини ги „тажи“ сите во Исламската Република, но предупреди дека „хаосот нема да се толерира во услови на ширење на насилни протести“.

Иранските власти соопштија дека 41 лице, вклучително и припадници на полицијата и провладините милиции, загинале во протестите ширум земјата, но иранските групи за човекови права пријавиле поголеми жртви.