ЕУ ќе учествува на Климатскиот самит, но активистите бараат поамбициозни мерки

Европската Унија на Климатскиот самит на Обединетите Нации во Њујорк пристигнува со “силни заложби“, велат од Европската Комисија, но активистите бараат поамбициозни мерки.

Европската Унија на Климатскиот самит кој се отвора денес, паралелно со Генералното Собрание на ОН, ќе ја застапуваат претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, потпретседателот на Европската Комисија и иден комесар за климатски прашања, Франс Тимерманс, како и сегашниот комесар за климата, Мигел Ариес Кањете.

Под притисок на масовните протести за климата ширум Европа, овој Самит во Њујорк е на врвот на приоритетите на Унијата, и нејзините претставници доаѓаат со бројни пораки за заложба.

-ЕУ е единствената голема економија која донесе закони врз основа на своите заложби од Парискиот договор и презентираше “Стратешка долгорочна визија за просперитетна, модерна, конкурентна и карбонски неутрална економија до 2050“. ЕУ е исто така највеќе придонесува за меѓународната климатска финансија, стои во најавата за учеството на ЕУ на Климатскиот самит.

Заложбата на Европската Унија е да ги намали штетните емисии на стакленички гасови за 40 отсто до 2030 година, во однос на 1990-та, а идната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн најави дека за време на нејзиниот мандат сака да ја зголеми оваа стапка на 50 до 55 отсто за истиот временски рок. Истовремено, ЕК сака да ги натера земјите членки да ја присвојат целта на јаглеродна неутралност до 2050-та година, но во овој дел наидува на отпор пред сѐ од источноевропски земји како Полска, Унгарија, Чешка и Естонија.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, пред почетокот на Самитот побара од светските лидери да дојдат со конкретни предлози и мерки, наместо со најави и пораки.

Од сите во меѓународната заедница тој очекува до идната година, на следниот светски самит за климата, да презентираат поамбициозни цели за намалување на штетните емисии.

Како што потсетуваат научниците и активистите, сегашните заложби, запишани во Договорот од Париз, се недоволни, бидејќи зголемувањето на температурите треба да се спушти, идеално, под 1,5 степени.

Според тинк тенкот Ворлд Ресорсиз, само 23 земји во светот ветиле дека ќе ги ревидираат своите амбиции за 2020, проблемот е што тие 23 земји се одговорни за одвај 2,3 отсто од штетни емисии во светот, а меѓу нив нема ниту една развиена земја.

Јаглеродната неутралност е исто така цврсто барање на Гутереш, потсети генералниот секретар.

На денешниот самит меѓутоа нема да присуствуваат дел од најголемите загадувачи како што се САД и Русија. Бразилскиот претседател, обвинет за неодговорна климатска политика која доведе до трагичните пожари во Амазонија летово, исто така го откажа своето учество.

Сепак повеќе европски лидери ќе бидат присутни на овој настан, како германската канцеларка, Ангела Меркел, холандскиот премиер, Марк Руте, францускиот претседател, Емануел Макрон. Кинескиот претседател испраќа свој претставник на Самитот, а ќе бидат присутни и претседателите на големи мултинационални компании, како Даноне, кои ќе ги презентираат плановите на нивните фирми за борба против климатските промени.