ЕУ ги поздрави „длабоките европски аспирации“ на Украинците

Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј изјавил дека „длабоките европски аспирации“ на Украинците се јасни и Европската унија е подготвена да им одговори, пренесе „Франс прес“.

Неговата изјава дојде откако германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека вратите на Европската унија остануваат отворени за Украина.

„Ние сме тука како Европејци за Европејците“, рекол Вестервеле, откако се состанал со претставниците на проевропската опозиција и пред да се упати кон Плоштадот на независноста, каде што илјадници Украинци продолжуваат да протестираат против одбивањето на властите да го потпишат договорот за асоцијација со Европската унија .

Ван Ромпуј од своја страна ја охрабри земјата да продолжи со потпишувањето на клучните политички и трговски договори.

„ЕУ е подготвена да одговори на најдлабоките европски аспирации на луѓето во Украина, многу актуелни и видливи овие денови. Спогодбата за асоцијација, вклучувајќи продлабочена и сеопфатна зона за слободна трговија, нуди иднина за независна и модерна Украина“, рекол Ромпуј.

Ван Ромпуј упати критики кон прекумерната употреба на сила од страна на полицијата против демонстрантите во текот на викендот.

„Ги повикувам сите страни да покажат воздржаност и почит кон граѓанските права и слободи. Прекумерна употреба на сила од полицијата е неприфатлива“, истакнал тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.