ЕУ ги затвора портите за Балканот

Европската Унија веќе не сака да им гарантира идно членство на шесте земји од Западен Балкан, на кои своевремено им ветуваше место во блокот, стои во интерен извештај, што го потврдија и четворица дипломати, објавува новинската агенција Ројтерс.

Застојот околу декларацијата за самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, што ќе се одржи на 6 октомври во Словенија е ново дно во стратегијата на Брисел да ги внесе Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово и БиХ во блокот.

„На претстојниот самит во Словенија, Европската Унија планираше да го повтори ветувањето од пред 18 години дека ќе даде недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан“, стои во нацрт-декларацијата на самитот, во кој агенцијата „Ројтерс“ имаше увид.

Членките на ЕУ не сакаат да ги откријат своите ставови, но богати држави како Данска, Холандија и Франција не сакаат да се повтори ситуацијата како со избрзаниот прием на Романија и Бугарија во 2007 година, што беше проследено со лошо координираната миграција на источноевропските работници во Британија.

Бугарија е против приемот на Македонија поради спорот околу јазикот и историјата, а претходно, Франција и Холандија привремено го запреа процесот на проширување.

„ЕУ индиректно ги влошува тензиите во регионот кој сонува за влез во Унијата уште од крвавите војни во 1990-те“, вели еден дипломат.