ЕУ го поддржува правото на Израел на самоодбрана при што мора да го почитува хуманитарното право

Челниците на 27-те земји членки на Европската унија објавија во неделата заедничка изјава во којашто се истакнува дека Израел има право на самоодбрана во согласност со меѓународното хуманитарно право.

По нападот, кој ЕУ го карактеризираше како терористички, на палестинското исламистичко движење Хамас од 7-ми октомври, повеќе функционери од државите членки на ЕУ и нејзините институции го истакнуваа правото на Израел на самоодбрана при што мора да го почитува меѓународното хуманитарно право, но ова е првпат ваква усогласена изјава да даваат челниците на сите држави.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен којашто кон крајот на седмицата го посети Израел го истакнуваше правото на земјата на самоодбрана, но пропушти да ја спомене обврската за почитување на меѓународното хуманитарно право. Поради тоа фон дер Лајен во дипломатските кругови беше критикувана, бидејќи директно не го прозва Израел да го почитува меѓународното право во војната во Појасот Газа.

„Нема опрадување за теророт. Силно го истакнуваме правото на Израел на самоодбрана во согласност со хуманитарното и меѓународното право во соочувањето со толку насилните и неселективните напади. Ја повторуваме важноста од обезбедување заштита на сите цивили во секој момент и в согласност со меѓународното хуманитарно право“, се додава во изјавата на 27-те челници на земјите членки, која беше усогласувана во текот на викендот.

Во изјавата, исто така, остро се осудува бруталните терористички напади на Хамас и се истакнува жалење поради загубите на животите Европските челници го повикуваат Хамас ведаш и безусловно да ги ослободи заложниците.

Покрај тоа, повторуваат дека е важно да се обезбеди итна хуманитарна помош, и изразуваат подготвеност за продолжување на поддршката за цивилите во Појасот Газа, но притоа таа помош да не ја злоупотребуваат терористичките организации.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, свика за во вторник попладнето итен видео-самит на кој челниците на ЕУ би требало да го дефинираат заедничкиот став за ситуацијата на Блискиот исток, по најновиот израелско-палестински судир.