ЕУ го прогласи пожарот во Грција за најголем во историјата на унијата

Шумскиот пожар во регионот Александрополи во Грција е најголем кој бил регистриран во историјата на Европската Унија и за него се мобилизирани речиси половина од воздушните противпожарни служби на Унијата, информираше портпаролот на Европската комисија Балаж Ујвари.

Единаесет авиони и хеликоптер од ЕУ дојдоа на помош во гасење на огнот на северот од градот Алекандрополи, заедно со 407 пожарникари, рече Ујвари.

Од службите за граѓанска заштита на ЕУ соопштија дека во пожарот изгорела површина поголема од 810 квадратни километри.

„Овој шумски пожар е најголем во ЕУ од 2000 година, кога Европскиот информациски систем за шумски пожари (Еффис) започна да собира податоци“, соопштија од службата.

Грчките противпожарни единици велат дека пожарот и понатаму е надвор од контрола во североисточниот регион на Националниот парк Дадиа.

Пожарот кој избувна на 19 август досега одзеде 20 човечки животи, од кои 18 беа тела на мигранти пронајдени во регионот кој често се користи за нелегален влез од соседна Турција.

„Знаеме дека пожарите стануваат посериозни. Доколку ги погледнете бројките за секоја од последните неколку години, се гледа тренд кој не е поволен и потребни се повеќе капацитети помеѓу земјите членки на ЕУ“, додаде Ујвари.

Грција беше погодена од повеќе пожари ова лето кои Владата и експертите ги припишуваат на климатските промени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.