ЕУ и Г7 го договараат лимитот за цените на руската нафта

Европската унија и седумте индустриски најразвиени земји во светот од групата Г7 го проучуваат воведувањето на најавеното ограничување на горната граница на цените на руската нафта во опсегот од 65 до 70 долари за барел, објави во средата агенцијата Bloomberg повикувајќи се на свои извори.

На 5-ти декември стапува на сила ембаргото на Европската унија на увозот на руската нафта и договорот на Г7 донесен по инсистирање на САД за ограничување на цената на руската нафта со изговор за инвазијата на Русија во Украина. Според тоа, Г7 би им забранила на логистичките и осигурителните компании да ја превезуваат руската нафта над утврден лимит за да ја ограничат добивката на Москва.

Во моментов, како што пренесува Bloomberg, се одвива координација на ЕУ и земјите од Г‘7 – САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Канада и Јапонија – за одредување на плафонот на цената на руската сурова нафта меѓу 65 и 70 долари за барел.

Таа цена би требало да ја стимулира Русија да не го запира производството и извозот што би предизвикало силни потреси на меѓународните пазари на нафтата, но да ги ограничи нејзините приходи за да не може да ја „финансира својата војна“ во Украина.

Агенцијата наведува и дека неколку европски дипломати рекле дека предложеното ниво на цените е „превисоко“. За носење на одлуката, покрај согласноста на земјите од Г7, што веројатно нема да биде проблем да биде постигната, неопходно е и да се добие и согласност од сите 27 земји членки на Европската унија, се потсетува.

Претходно Bloomberg објави дека земјите од Г7 денеска имаат намера да го одобрат ограничувањето на цената на руската нафта. Нивните министри за финансии на самитот во септември ја потврдија подготвеноста за воведување ценовни лимити на руската нафта како дел од проширувањето на новиот круг антируски санкции. Според најавата, лимитот за нафтата ќе биде воведен на 5-ти ноември, задно со ембаргото за увозот на ЕУ, а на 5-ти февруари 2023-та на сила ќе стапат и ограничувањата на нафтените деривати.

Рускиот претседател Владимир Путин коментирајќи ја оваа иницијатива на западните земји изјави дека Русија нема да испорачува нафта во странство, доколку тоа е во спротивност со нејзините интереси.

Вицепремиерот Александр Новак, пак, посочи дека Москва нема да извезува нафта во земјите кои ќе одредат лимит на цената, ниту по 60 долари за барел, ниту по која и да е друга цена која е политички а не пазарно одредена. Додаде дека Русија активно работи со оние потрошувачи кои се подготвени да соработуваат по пазарни односи.