ЕУ и натаму без договор за ембаргото на руската нафта

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија не успеаја ниту во неделата да постигнат согласност околу шестиот пакет санкции против Русија, а новиот состанок е предвиде во понеделникот утрото пред почетокот на посебниот самит на челниците на земјите членки посветен на Украина.

Комитетот на постојаните претставници (Coreper), кој го сочинуваат амбасадорите на државите членки, се обидоа во неделата попладнето на повеќечасовен состанок да постигнат консензус за шестиот пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за увоз на нафтата, но без успех. Новиот состанок на амбасадорите е предвиден за понеделникот претпладнето, велат дипломатски извори од ЕУ за медиумите.

Во понеделник попладнето започнува дводневниот самит на ЕУ посветен на Украина и последиците од руската инвазија врз земјата. Изминатите денови, комитетот на амбасадорите интензивно заседаваше обидувајќи се да постигне консензус за до почетокот на состанокот на врвот прашањето за санкциите да биде симнато од дневен ред.

Но очигледно ова прашање за некои земји членки има неверојатно витално значење. Истовремено, Европската комисија потврди дека преставила дополнет предлог, според кој до крајот на годината би за забранил увозот на руската нафта којашто се транспортира со бродови, додека нафтата којашто се испорачува во ЕУ преку нафтоводот Дружба уште извесно време би можела да се увезува, за да се олесни ситуацијата за земјите кои немаат излез на море, а кои се силно зависни од руската нафта.

„Европскиот совет утре накусо ќе биде запознаен со предлогот, а договор се очекува на ниво на Coreper следната седмица“, велат извори од Европската комисија.

Доколку таквиот предлог и може да мине, сепак не е сигурно дали тогаш земјите кои сировата нафта ја добиваат преки нафтоводот Дружба ќе може да ја стават на единствениот европски пазар откако ќе биде преработена, имајќи предвид дека тоа би можело да ја наруши рамноправноста на истиот пазар.

Европската комисија уште на почетокот од мај го предложи овој шест пакет санкции против Русија, но и по речиси цел месец преговарање сѐ уште нема договор.

Најсилно на одредбите се противи Унгарија, којашто огромен дел од своите потреби од енергија ги покрива со увоз од Русија. Земјата нема излез на море и е насочена на нафтоводот Дружба, а целиот проект заедно со префрлање на нејзините рафинерии за преработка на други типови нафта се проценува на најмалку 800 милиони евра.

Земјите од ЕУ во петокот се обидоа да постигнат договор за ембаргото на поморските пратки на руската нафта со дозволување на испораките преку нафтовод, како компромис со кој би се придобила Унгарија, но и Чешка и Словачка кои бараа изземање, да ги деблокира новите санкции наметната против Русија. Но Грција, Кипар и Малта, меѓу другите, се спротиставуваат на мерката за забрана на транспортот на руската нафта, бидејќи стравуваат дека таа еднострано би можела да им наштети на нивните бродски компании кои за овие земји остваруваат значајни приходи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.