ЕУ ја повикува Полска на дополнителни мерки во реформите на правосудството

Полскиот парламент би требало да преземе конкретни мерки за да ги отстрани причините за загриженоста на Европската унија во врска со реформите на правосудството пред да биде постигнат компромис, изјави во понеделникот потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, кој е изложен на остри критики од официјална Варшава.

„Гледаме дека парламентот преземал некои мерки, внимателно ги анализираме. Уште не гледаме крај на овој процес. Се надеваме дека ќе го продолжиме овој дијалог. Нашата цел е да пронајдеме решенија. Но досега не можам да брзам со заклучоците и орам да ги почекам конкретните мерки кои ќе бидат преземени“, изјави потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс на средбата со новинарите заедно со полскиот министер за надворешни работи Јацек Чапутович, резимирајќи ја својата посета на Варшава.

Минатата 2017 година Европската комисија првпат ја покрена постапката којашто може да доведе до суспендирање на гласачите права на Полска, обвинувајќи ја конзервативната влада во Варшава за наводно кршење на владеењето на правата. Полската влада е обвинета дека сака судовите да ги стави под своја контрола.

Според реформата на којашто забелешки имаат Брисел и полската опозиција, министерот за правда доби овластувања да ги менува претседателите на судовите во пониските инстанци. Меѓу другите мерки, за коишто владејачката партија Право и справедливост (PiS) вели дека се во насока на реформирање на судскиот систем и исклучување непотизам, се кратат и мандатите на судиите во Врховниот суд, по што 40 отсто од нив ќе мора да се пензионираат. Новите судиите во Врховниот суд ќе ги именува претседателот на државата, и тие имаат и овластувања да одлучуваат за регуларноста на изборните резултати.

Партијата Право и справедливост во март понуди некои отстапки на барањата на ЕУ, меѓутоа Врховниот суд оцени дека промените се „илузорни“. Варшава тврди, исто така, дека реформата е неопходна за да се отстранат судиите кои преостанале уште од комунистичката ера. Тврди и дека реформата ќе ја подобри работата на судовите.