ЕУ ја поздрави најавата од Пјонгјанг за запирање на нуклеарната програма

Најавата на Северна Кореја за запирање на нуклеарните проби претставува позитивен чекор, оцени во саботата високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и повика на спроведување „неповратна денуклеаризација“ на оваа азиска земја.

„… Ова претставува позитивен чекор на кој долго време се повикуваше и био требало да води кон целосна, неповратна и проверлива денуклеаризација на земјата“, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини.

Северна Кореја објави во саботата наутро дека ќе ги суспендира нуклеарните и ракетните тестирања, како и дека ќе го затвори полигонот за нуклеарни проби на северот од земјата, и оти наместо во оружје ќе вложува во економскиот раст и воспоставување на мирот на Корејскиот полуостров.

Оваа одлука, севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун ја објави во пресрет на скорешната средба на врвот со претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-ун следната седмица, односно со американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на мај или почетокот на јуни.

Двата скорешни самита претставуваат можност за „градење доверба и треба да водат кон дополнителни, конкретни и позитивни резултати“, додаде Могерини. Ја понуди поддршката на ЕУ за разговорите „на секој можен начин, вклучително и сопственото искуство во преговарање за денуклеаризација“. Ставовите на ЕУ за Северна Кореја во оваа фаза се непроменети, а вклучуваат санкции и канали за отворена комуникација, прецизираше Могерини.

Последен пат активности кои може да се доведат во поврзаност со севернокорејската нукеларна програма беа забележани во септември минатата годиниа кога Кинескиот центар за земјотреси објави дека во Северна Кореја регистрирал потрес со магнитуда од 3,4 степени по Рихтер, како и дека е можно причината за земјотресот да е нуклеарна експлозија. Според сеизмолошките податоци, најверојатно станувало збор за експлозија изведена во близина на истата локација на којашто на 3-ти септември 2017 година е изведена нуклеарна проба.

На 9-ти септември 2016 година беше регистирана сезмичка активност во Северна Кореја, а потоа беше потврдени дека оваа земја ја извршила петтата нуклеарна проба. Американските, европските и кинеските сеизмолошки служби потврдија дека се случило вибрирање на почвата, а Кинескиот центар за земјотреси објави дека постои сомневање дека вибрациите се предизвикани од експлозија. Сеизмичкиот настан со магнитуда од 5,3 степени сугерираше дека експлодирала нуклеарна бомба од 10 килотона, што би била најмоќната нуклеарна бомба што Северна Кореја ја има произведено.

Северна Кореја потоа објави дека спровела успешно тестирање на хидрогенска бомба (Х-бомба), оружје коешто ја искористува енергијата на нуклеарната фузија и која е повеќекратно помоќно од атомските бомби (А-бомби) во кои енергијата се ослободува со фисија на елементи како ураниум или плутониум.