ЕУ му се заканува на Маск со санкции поради блокирањето новинар на Twitter

Европската унија му се заканува на претприемачот Илон Маск со санкции поради блокирањето на акаунтите на некои американски новинари на Twitter, објави во петокот заменичката на претседателката на Европската комисија, Вера Јурова токму на ова социјална мрежа за микроблогирања која е во сопственост на еден од најбогатите луѓе на планетата.

„Причина за загриженоста се извештаите за блокираните акаунти на новинари на Twitter. Европскиот закон за дигитални услуги бара почитување на медиумските слободи и темелните права. Тоа барање е зајакнато и со нашиот Закон за слободат на печатот. Илон Маск треба да знае за тоа. Тоа се црвените линии. Наскоро се можни санкции“, напиша Јурова.

Актите коишто ги наведува еврокомесарката, особено бараат од операторите на социјалните мрежи веднаш да ги блокираат или отстранат од своите платформи содржините кои содржат терористички закани или лажни информации. Но притоа проблематично е прашањето кој ќе проценува особено кога станува збор за ткн „лажни вести“.

Новото водство на Twitter, откако стана сопственост на Маск, суспендираше акаунти на неколку новинари од американски водечки мејнстрим медиуми, како што објави во четвртокот весникот The New York Times, чиј новинар имал блокиран профил. Покрај тоа, суспендирани се и акаунтите на дописници на телевизијата CNN и весникот The Washington Post, како и од порталите The Intercept и Mashable и на неколку независни новинари, главно со неолиберална ориентација.

Тие го обвинија дека се блокирани поради нивните наводно критички написи за претприемачот во врска со неговото неодамнешно преземање на социјалната мрежа.

Но претходно беше објавено дека Twitter го врати акаунтот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп кому му беше трајно забранет пристапот на мрежата поради неговите наводно лажни тврдења дека му е украдена победата на изборите во 2020 година. Покрај тоа, се појавија и докази дека челниците на социјалните мрежи, вклучително и претходно на Twitter имале договор со администрацијата на сегашниот претседател Џо Бајден да блокираат акаунти и објави кои не се во согласност со официјалните политиките што ги спроведува.

Самиот Маск во коментар на објавата на еден корисник на Twitter објасни дека сопствениците на блокираните акаунти го објавиле неговата локација во реално време „фактички давајќи координати за убиство, што е јасно нарушување на правилата“ на социјалната мрежа“.

„За ‘новинарите’ важат истите правила во врска со ширењето на личните податоци со злонамерна намера, како и за сите други“, порача Маск.

И од Обединетите нации денеска оценија дека одлуката на Twitter да ги суспендира профилите на неколку новинари претставува „опасен преседан, во време кога новинарите ширум светот се соочуваат со цензура, физички закани и уште полоши работи“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.

Дужарик нагласи дека ОН се „многу вознемирени“ од „произволното суспендирање“ на новинарите од Twitter. Порача дека „гласот на медиумите не смее да се замолчува на платформа која тврди дека дава простор за слобода на говорот“.