ЕУ: Најавата за референдум во Грција ја затвора вратата за натамошни преговори

ЕУ: Најавата за референдум во Грција ја затвора вратата за натамошни преговори

Најавата на грчкиот премиер Алексис Ципрас за одржување референдум за барањата на кредиторите е „тажна одлука за Грција и ја затвора вратата за натамошни преговори“, изјави денеска претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум, пренесува МИА.

– Негативно сум изненаден од веста, рече тој по доаѓањето на седницата на министри за финансии од еврозоната, посветена на финансиското преживување на Грција.

– Ќе го сослушаме грчкиот министер и ќе разговараме за последиците, рече тој, пренесува Хина.

– Грција еднострано ги прекина преговорите, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

– Во моментов немаме основа за преговорите и никој од колегите нема претстава што би можеле ние сега да направиме, дополни Шојбле при пристигнувањето на состанокот на Еврогрупата.

Со оваа оценка се согласува и финскиот министер Александер Стуб, кој исто смета дека ова е тажен ден за грчкиот народ.

– Ние веќе имаме програма за финансиска помош, која изминува следниот вторник. Неопходно е Еврогрупата да донесе одлука, но тоа е тешко, бидејќи дојде до еднострано прекинување на преговорите, оцени шпанскиот министер Луис Де Гуиндос, кој претседава со Еврогрупата.

Во меѓувреме, грчкиот Парламент денеска ја почна дебатата по предлогот на Владата на 5 јули да биде организиран референдум за последните предлози на меѓународните кредитори за реформи ако сака земјата да добие финансиска помош, соопштува ДПА.

Парламентот го објави на својата интернет страница дневниот ред, според кој гласањето е закажано за 19 часот по локално време.

Владата има мнозинство за усвојување на предлогот за одржување референдум.