Спроведувањето на планот на Европска унија за распределување на мигрантите и бегалците од Грција и од Италија меѓу земјите-членки на ЕУ доцни, додека расте бројот на бегалци кои пристигнуваат во Италија.
Европскиот комесар за миграција Димитрис Аврамопулос истакна дека е потребно „итно да се одговори на тешката хуманитарна ситуација во Грција и да се спречи влошувањето на ситуацијата во Италија“.
Европската комисија денеска соопшти дека до средината на мај само 1.500 мигранти и бегалци се преместени од Италија и од Грција во другите земји-членки на ЕУ, што е многу помалку од планираните 20.000 трансфери.
Според проценките на ЕК во копнениот дел на Грција во моментот има околу 46.000 мигранти.
Земјите-членки на ЕУ во септември минатата година се договорија меѓусебно да поделат 160.000 бегалци во рок од две години.