ЕУ не може да ги конфискува замрзнатите средства на Русија, според WSJ

 

Европската унија не може да ги конфискува замрзнатите средства на руската Централна банка поради руската инвазија во Украина како што предложи во средата шефицата на Европската комисија, поради принципот на државен имунитет, потсетува во четвртокот американскиот деловен весник The Wall Street Journal.

Како што пишува весникот, ЕК во средата објави дека поради меѓународниот принцип на државен имунитет, Брисел не може да ги конфискува средствата на руската Централна банка и поради тоа всушност предлага да се создаде фонд за управување со ликвидните средства и издвојување на добивката од тие инвестиции за вложување на повоеното обновување на Украина.

Претставници на ЕК рекле за WSJ дека Унијата не поседува тековни податоци за активните на руската Централна банка во одредени земји членки или за тоа колкав е уделот од нив во ликвидните средства.

Во прилогот се истакнува дека функционери од ЕУ за весникот рекле дека ќе инсистираат Русија, во рамките на идно мировно решение, да се согласи доброволно да пренесе дел од замрзнатите пари на Украина како компензација за воени разорувања, во прв ред, на нејзината клучна инфраструктура.

Американските власти, исто така, не можат да ги користат замрзнатите руски средства. Според претставници на американските министерства за финансии и за правда за WSJ под услов на анонимност, рекле дека од двата ресора било побарано од Конгресот да развија нови законски мерки, врз основа на коишто ќе може да се запленат а не само да се замрзнат средствата, а потоа да биде префрлени на Украина. Соговорниците на весникот истакнале дека во отсуство на такви овластувања, американската администрација е „ограничена во своите постапки“.

Во средата претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, рече дека ЕК предложила создавање специјална структура за управување со замрзнатите средства на Руската Федерација. Според ЕК, загубите на Украина во текот на деветмесечниот конфликт достигнале околу 600 милијарди евра. Во нејзината објава на Twitter таа посочи дека Западот блокирал околу 300 милијарди евра на Централната банка на Русија и 19 милијарди приватни фондови на руските олигарси. Според Фон дер Лејен, „по укинување на санкциите, овие средства може да се искористат за да се осигури дека Русија целосно ќе ја надомести штетата предизвикана на Украина“.