ЕУ нема да ја жртвува својата иднина поради договор со Лондон, порача Барние

Европската унија „никогаш нема да ја жртвува својата иднина“ за по цена на отстапки коишто би го ослабеле заедничкиот пазар да постигне договор за периодот по завршувањето на транзицискиот рок по истапувањето на Обединетото Кралство, предупреди во вторникот главниот преговарач на Унијата.

„Никогаш нема да ја жртвуваме нашата иднина по цена на сегашниот момент. Пристапот до нашиот пазар подразбира услови“, објави на Twitter преговарачот на ЕУ во преговорите за раздружувањето со Велика Британија, Мишел Барние, по состанокот со министрите за европски прашања на земјите членки, истакнувајќи го „целосното единство на дваесет и седумината“.

Британскиот премиер Борис Џонсон претходно во вторникот оцени дека ставовите на Лондон и на Брисел и натаму се многу оддалечени.

„И натаму сум отпимист, но морам да бидам искрен, ситуацијата во овој момент е чувствителна. Нашите пријатели мора да сфатат дека Велика Британија ја напушти Европската унија за да би можела да спроведува демократска контрола. И натаму сме далеку од тоа“, рече Џонсон.

Британскиот премиер и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, најавија во понеделникот дека Борис Џонсон во текот на следните неколку дена ќе допатува во Брисел за да ги изнесе конечните планови за трговскиот договор пред неговата земја да го напушти единствениот пазар на ЕУ на 1-ви јануари 2021 година.

И двајцата потврдија дека клучни прашања се обезбедувањето на праведни услови на пазарот, рибарењето и начинот на решавање на идните спорови, но се чини дека ниедна страна не е подготвена да направи какви и да се отстапки.

„Ќе го дадеме сето најдобро од себеси, но би им порачал на сите, бидете во добро расположение, пред нашата земја се извонредни можности во секој поглед. Клучната работа е на 1-ви јануари, што и да се случи, ќе има промени“, изјави во вторникот Џонсон.

„Ќе видиме до каде ќе стасаме следните два дена, но мислам дека позицијата на британската влада е дека имаме волја да продонесеме на секое ниво, политичко или некое друго, подготвени сме да се обидеме сѐ. Но и натаму постојат граници коишто ниедна разумна, независна влада или земја не може да ги мине и луѓето тоа мора да го разберат“, истакна британскиот премиер.

Велика Британија четири години по референдумот за излегувањето на 31-ви јануари 2020 година истапи од членството на Европската унија, а на 31-ви декемвр истекува преодниот период, кога земјата ги напушта и единствениот пазар на ЕУ и царинската унија. Доколку двете страни нe постигнат договор до 1-ви јануари, преку ноќ ќе бидат воведени царини и други пречки, што би довело до големи нарушувања во трговијата.

Во случај на непостигнување договор, петтгодишното раздружување ќе заврши хаотично, токму во времето кога и Британија и ЕУ се справуваат со големи економски трошоци како последици од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Доколку не биде постигнат трговски договор, Обединетото Кралство би тргувало со ЕУ врз основа на условите на Светската трговска организација (СТО – WTO), што би довело до воведување нови царини и потенцијално значителен раст на цените за некои стоки. Недоговарањето на спогодбата би била сценарио од кошмарите за петприемачите и инвеститорите, кои сметаат дека тоа би го нарушило преминувањето на границите, би ги вознемирил финансиските пазари и би предизвикал хаос во синџирите за набавка кои се протегаат преку европскиот континент и подалеку.