ЕУ нема да го признае израелскиот суверенитет над Голан

Европската унија истакна во петокот дека нема да го признае израелскиот суверенитет над окупираната Голанска висорамнина, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четвртокот дека е „време тоа да се направи“.

„Ставот на ЕУ не е променет… Европската унија, во согласност со меѓунардоното право, не го признава израелскиот суверенитет над територијата којашто Израел ја окупирал во јуни 1967 година, вклучително и Голанската висорамнина, и не го смета за дел од израелската територија“, изјавила портпаролката на ЕУ за Reuters компентирајќи ја изјавата на американскиот претседател.

Портпаролката на германската влада, пак, изјави дека Голанската висорамнина е сириска територија којашто е окупирана од страна на Израел.

„Доколку би се менувале националните граници тогаш тоа мора да се направи со мирни средства и на сите вклучени. Владата ги отфрла едностраните чекори“, истакнала портпаролката Улрике Демер.

Франција нема да го признае израелското припојување, бидејќи е во спротивност со меѓународниот закон, соопшти министерството за надворешни работи во Париз.

„Голан е територија којашто Израел ја окупирал во 1967-та. Франција не ја признава израелската анексија од 1981 година“,било истакнато на брифингот со новинарите во министерството за надворешни работи. Исто така, било истакнато дека според резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации, споменатата анексија е неважечка.

Советот за соработка на земјите во Заливот, регионалната група од шеста арапски сунитски монархии, исто така, изрази жалење поради повикот на Трамп за признавање на израелскиот суверенитет над Голанската висорамнина. Изјавата на американскиот претседател „нема да ја промени реалноста дека Голанската висорамнина е сириска територија којашто Израел ја окупираше со воена сила во 1967 година“, изјави Абдул Латиф ал-Зајани, генералниот секретар на Советрот.

Сириската влада претходно ја осуди изјавата на Доналд Трамп и соопшти дека Сирија е решителна да ја поврати оваа област „со сите достапни средства“. Во извештајот кој го објави сириската државна новинска агенција SANA, извор од министерството за надворешни работи рекол дека изјавата на американскиот челник ја покажува „слепата пристрасност САД“ кон Израел. Изјавите не ја променија „стварноста дека Голан бил и ќе остане сириски, арапски“.

„Сириската нација е уште порешителна да го ослободи овој драгоцен дел од сириската националната територија со сите можни средства“, рекол соговорникот на агенцијата, додавајќи дека изјавата на Трамп е „неодговорна“ и дека покажала „презир“ кон меѓународното право.