ЕУ: Нема нови преговори за Брегзит

Водечките претставници на ЕУ задолжени за Брегзит денеска го повторија ставот дека не може одново да се преговара за договорот за истапувањето на Велика Британија од Унијата и покрај најавите од Лондон дека британската премиерка Тереза Меј ќе замине за Брисел на разговори за нови отстапки во договорениот текст.

– Институциите на ЕУ остануваат единствени. Ние стоиме зад договорот со Обединетото Кралство, изјави шефот на преговарачкиот тим на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние по седницата на Комисијата за Брегзит на Европскиот парламент.

Британскиот Парламент вчера се изјасни против Брегзит без договор и реши премиерката Тереза Меј повторно да преговара за условите за напуштање на ЕУ, пред се во делот за границате меѓу Република Ирска и Северна Ирска.

Шефот на тимот на Европарламентот за Брегзит, Ги Верхофштат изјави дека ЕУ „треба да биде сто проценти сигурна дека нема граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска“.

Верхофштат нагласи дека единствен начин на кој Меј може да добие отстапки е ако се откаже од својот став дека Велика Британија нема да остане во европската царинска унија по заминувањето од ЕУ, со исклучок на преодниот период од две години по Брегзитот, предвиден за 29 март.

– Ако идните односи подразбираат, на пример, царинска унија, тоа целосно ќе ја промени состојбата, нагласи Верхофштат.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас изјави дека Велика Британија мора итно да објасни какви промени сака во договорот за Брегзит, во делот околу „заштитните механизми“ за избегнување цврста граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска по нејзиното истапување од ЕУ,.

Маас нагласи дека иако ставот на ЕУ оти постигнатиот договор за Брегзит е „најдобро и единствено решение за регулирано“ истапување на Велика Британија од Унијата, Брисел сепак е подготвен за разговор.

– Што се однесува до границата со Северна Ирска, Германија и целата Европска унија цврсто стојат на страната на Ирска и нема да дозволат таа да остане изолирана по тоа прашање, додаде Маас.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск синоќа, исто така, изјави дека нема повторно да се преговара за излезот на Велика Британија од Европската унија.

– Договорот за повлекувањето е и останува наjдобар и единствен начин да се обезбеди регулирано повлекување на Британија од ЕУ, оцени Туск, додавајќи дека договорот „не е отворен за повторно преговарање“.