ЕУ: Обезбедивме одржлива помош за С Македонија – за пари од Фондот не беа исполнети критериумите

Европската Унија обезбеди одржлива помош за Северна Македонија во справување со ковид-19 од почетокот на пандемијата. Во врска со Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ), според нашите сознанија Северна Македонија не ги исполни поставените критериуми во моментот на аплицирање.

Ваков одговор даваат од Делегацијата на ЕУ во земјава за новинската агенција МИА во врска со реакциите дека Северна Македонија не е меѓу земјите кои ќе добијат помош преку ФСЕУ.

„ЕУ обезбеди одржлива помош за Северна Македонија во справување со ковид-19 од почетокот на пандемијата. Конкретно обезбеди 226 милиони евра за покривање на медицински материјали и опрема, за поддршка на ранливите групи, бизнисите и невработените, како и за макрофинансиска помош“, наведуваат од ЕУ делегацијата за МИА.

Потсетуваат дека неодамна се обезбедени и 70 милиони евра за набавка на вакцини и поврзана опрема за регионот на Западен Балкан.

„Ова доаѓа како дополнување кон Економскиот и инвестицискиот план дизајниран за поддршка на долгорочното закрепнување на економиите на земјите од Западен Балкан во вредност од девет милијарди евра“, додаваат од Делегацијата на ЕУ.

Европската комисија (ЕК) денеска објави дека ќе даде речиси 530 милиони евра како финансиска поддршка за 17 земји-членки на Унијата и 3 земји кандидатки со цел да ги покријат јавните трошоци за медицинска и лична заштитна опрема, превенција, поддршка на населението, следење и контрола на ширење на болеста. Меѓу нив не е Северна Македонија, а трите земји кои добија помош, а не се членки се: Албанија, Црна Гора и Србија.

Ова наиде на реакции од опозицијата која ја обвини власта. Од власта, пак, посочија дека услов за како држава да добиеме пари од Фондот за солидарност на ЕУ минималните трошоци кои требало да ги има земјава во првиот бран од кризата (првите четири месеци) требало да биде речиси 31 милион евра. Меѓутоа, кога се собрале податоците од институциите и општините, како и од договорите склучени за набавки во врска со ковид-19 од Бирото за јавни набавки, трошоците кои сме ги имале биле 7,6 милиони евра.

„Имено, поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30 852 000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7 670 831 евра. За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 месеци, сметано од датумот кога земјата којашто аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Референтен период во оваа смисла за земјата беше периодот 10.03. – 09.07.2020 година“, објаснуваат од СЕП.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.