Сите форми на насилство врз жените се одвратни и тие претставуваат кршење на човековите права и поткопување на основни вредности на Европската Унија се наведува во заедничката изјава на Европската комисија и на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените – 25 ноември.
-Нашата посветеност да ставиме крај на насилството врз жените ширум светот е клучен приоритет за надворешната акција на ЕУ, не само во улогата на ЕУ како главен хуманитарен донатор. Ја потврдуваме нашата цврста посветеност на итно искоренување на насилството врз жените и девојчињата во соработка со земјите партнери, граѓанското општество, групите за правата на жените и бранителите на човековите права, се вели во изјавата.
ЕК и Борел натаму посочуваат дека жените низ целиот свет продолжуваат да трпат неискажливо физичко, сексуално, психичко и економско насилство, како офлајн, така и онлајн.
-Жените и девојчињата, исто така, го носат товарот и од непосредните насилни, но и од трајните ефекти на војната и конфликтот, што резултира со несразмерност во економски проблеми. Ситуацијата е особено драматична во контекст на хуманитарните кризи, каде случаите на сексуално насилство поврзани со конфликти и трговија со луѓе, честопати остануваат непријавени, се потенцира во изјавата на ЕК и Борел.
Тие посочуваат дека по пристапувањето кон Истанбулската конвенција, која ги опфаќа досега најамбициозните и најсеопфатни стандарди за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, Европската Унија годинава го усвои првиот свој закон за ефикасна борба против насилството врз жените и семејното насилство, како надополнување на постојното законодавство во земјите членки на ЕУ.
-Сега имаме дополнителни алатки за борба против таквото насилство, и офлајн и онлајн, за да се осигураме дека жените и девојките можат да бидат безбедни и да живеат без страв, да обезбедиме конкретни услуги за поддршка за жртвите, како и одговорност за сторителите. Ги повикуваме сите земји членки брзо да ги применат овие значајни мерки, се додава во изјавата на Еврокомисијата и високиот претставник на ЕУ, Борел по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените – 25 ноември.