ЕУ подготвува рекордна казна за Meta поради пренос на податоци за корисниците во САД

Еврипската унија се подготвува да ѝ наложи рекордна казна на американската технолошка компанија Meta, матичната компанија на Facebook, за нарушување на приватноста со пренесување на податоците на корисниците на социјалната мрежа од ЕУ на сервери во САД и непочитување на предупредувањето од Судот на ЕУ, изјавиле за Reuters два извора.

Казната ќе биде повисока од претходниот рекорд, казната од 746 милиони евра што ЕУ ѝ ја наметна на Amazon.com, велат изворите.

Од Meta одбиле да коментираат. Ирската Комисија за заштита на податоци (DPC) и Европската комисија не одговориле веднаш на барањето на Reuters за коментар за извештајот.

Европските регулатори предводени од ирската комесарка за заштита на податоци Хелен Диксон ја финализираат забраната за правната алатка што ја користи Facebook за пренeсување nа податоците на европските корисници во САД, поттикнати од стравувањата дека американските разузнавачки служби би можеле да добијат пристап до податоците.

Во април тие предупредија дека ирскиот регулатор за заштита на податоците има рок од еден месец да издаде наредба за блокирање на трансатлантскиот пренос на податоци на Facebook. Забраната би можела да стапи на сила во наредните денови.

Во 2020 година, највисокиот европски суд го поништи договорот меѓу САД и ЕУ за пренос на податоци, повикувајќи се на страв од надзор, потсетува Reuters.

Од Meta минатата година предупредија дека поради забраната за механизмот што го користат за пренос на податоци од Европа во САД, би можеле да бидат принудени да ги прекинат услугите на Facebook на Стариот континент.