ЕУ сака договор со САД по одлуката на СТО за царините

Одлуката на Светската трговска организација (СТО – WTO) со којашто на Европската унија ѝ овозможува воведување на царини на увозот од САД во вредност од речиси четири милијарди долари „им дава на сите страни јасен избор“, изјави потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис.

„Јасно порачав дека многу сум наклонет на договор со САД кој ќе биде утврден со преговорите. Нашиот предлог е САД да ги повлечат царините кои ги воведоа како последица од пресудата за Airbus“, се наведува во изјавата од вторникот вечерта на потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис.

Во тој случај Европската унија, според потпретседателот на Комисијата, би се воздржала од воведување компензациски царини кои во вторникот ги одобри СТО.

„Доколку не биде пронајдено преку преговорите, неволно ќе бидеме присилени да ги браниме своите интереси и сразмерно да одговориме“, предупредува Домбровскис.

СТО пресуди дека ЕУ може да воведе компензациски царини на увозот од САД во вредност од четири милијарди долари, поради американските субвенции за производителот на авиони „Boeing“.

Американскиот главен трговски претставник Роберт Лајтизер истакна во вторникот дека САД веќе ги укинале непрописните даночни олеснувања кои американсата сојузна држава Вашингтон ги одобри за споменатата компанија.

„Државата Вашингтон оваа година го укина ова даночно олеснување, па ЕУ нема добра причина за противмерки кон американските производи. Воведувањето какви и да се санкции врз основа на мерката којашто е веќе укината, очигледно е во спротивност со принципите на СТО и ќе ги присили САД на одговор“, изјави Лајтизер.

ЕУ, пак, одговори дека истото важи и за американските царини воведени на увозот од Унијата, исто така одобрени од СТО, поради непрописните субвенции на авионот од типот А380 на европскиот производител „Airbus“ кој повеќе нема да се произведува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.