ЕУ самит: Санкции за Белорусија, дијалог со Турција

Шефовите на држави и влади постигнаа компромис за главните прашања на дневен ред во надворешна политика, и се усогласија за санкции против режимот во Белорусија, јави дописничката на МИА од Брисел.

После неколку недели разговори, лидерите на ЕУ рано изутринава се договорија да се усвојат санкции против четириесетина лица идентификувани како одговорни за изборниот фалсификат и репресијата врз демонстрантите во Белорусија.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека од денеска почнува формална процедура за усвојување на санкциите, но на списокот не се наоѓа нелегитимниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко.

Лидерите повторија дека изборите од деветти август и резултатите од изборите во земјата не се признаваат и ги повикаа властите да организираат нови избори под мониторинг на релевантните меѓународни организации и без мешање од надворешни сили. Во заклучоците уште еднаш се повикува власта во Минск да отвори дијалог со демонстрантите и лидерите од опозициските партии.

До вчера одлуката за санкции против белорускиот режим ги блокираше Кипар, незадоволен што ЕУ не изрекува рестриктивни мерки против Анкара поради инцидентите во источниот Медитеран.

Вчерашната седница на лидерите успеа да го одблокира овој застој.

Шефовите на држави и влади на ЕУ се договорија дека треба да се остави уште малку време пред да се изречат санкции и дека треба да се остави шанса за дијалог помеѓу Атина и Анкара.

Турција има до крајот на оваа година да ги смири тензиите во регионот, инаку ќе биде санкционирана, стои во заклучоците од самитот.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, по седницата изјави дека и се дава избор на Турција дали ќе испрати позитивни сигнали во текот на идната недела, додека претседателот на Европскиот Совет со поумерен тон порача дека се остава шанса за дијалог и стабилност, притоа останувајќи цврсто посветен на принципите и вредностите на ЕУ како и во целосна солидарност со Кипар и Грција.

Доколку Анкара повторно посегне по унилатерални мерки или провокации кон членка на ЕУ, ќе бидат мобилизирани сите можни правни алатки на располагање, предупреди ЕУ.

Во делот на надворешната политика, лидерите на ЕУ се осврнаа и на конфликтот помеѓу Ерменија и Азербејџан и повикаа на итен прекин на огнот, преговори помеѓу двете страни без мешање од страна на надворешни сили.