ЕУ со санкции за руски фирми кои го градеа мостот до Крим

Европската Унија денеска објави дека ги проширува санкциите против Русија поради руското присоединување на Крим, како и изградбата на мостот над теснецот Керч со кој полуостровот Крим се поврзува со Новоросиск. Компаниите се казнети затоа што со изградбата на мостот и помагаат на Русија да ја зацврсти контролата врз Крим.

На листата на санкции сега постојат шест компании кои учествувале во изградбата на мостот преку теснецот Керч и автопатот Таврида, кој оди преку мостот.

Мерките вклучуваат замрзнување на средствата кои овие компании и организации ги поседуваат во ЕУ, како и забрана за обезбедување финансиска помош за физички и правни лица регистрирани во ЕУ.

Станува збор компаниите „Гипростроимост“, „Мостотрест“, ВАД, „Строигазмонтаж“, „Строигазмонтаж-Мост“ и „Залив“. Две од компаниите се во сопственост на бизнисменот Аркадиј Ротенберг, кого ЕУ го обвинува за „дестабилизирање на Украина“.

Руското Министерство за надворешни работи возврати дека ЕУ се обидува да воспостави блокада на доставувањето на енергенси на Крим и да им наштети на жителите на полуостровот.

Вкупниот број санкционирани организации на листата на ЕУ сега достигна 44.

ЕУ претходно воведе санкции за 155 лица на кои им е забрането да влезат на територијата на ЕУ и на кои им се замрзнати средствата.