ЕУ ветува „цврст одговор“ на саботажата на гасоводите Северен тек

Европската унија ќе ја заштити својата енергетска инфраструктура по инцидентот кој предизвика истекување на гас од руските цевководи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море, изјави во средата високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Ставени вон употреба поради војната во Украина, двата гасни проекта со кои енергенсот се испорачуваше од Русија во Германија и Европа а кои чинеа над 20 милијарди долари, веројатно биле погодени од две подземни експлозии, а Европската унија вети во средата „цврст одговор“ на таа диверзија.

Три големи истекувања се регистрирани во понеделникот рано утрото во водите кај данскиот остров Бронхолм е видлива на површината со пенење на морето во радиус од 200 метри до километар.

Информациите за можни експлозии и саботажа дојдоа по ден и половина по забележување на истекувањето. Европската комисија изјави дека е прерано да се нагаѓа за причината за истекувањето на гасот во двата гасовода наменети за испорака на гасот од Русија во Европа. Кремљ истовремено не ја отфрли можноста дека оштетувањата на гасоводите Северен тек во Балтичкото Море се предизвикани со саботажа и изрази „крајна загриженост“. Киев, пак, надвор од секоја логика, бидејќи се работи за руски инвестиции преку кои Русија заработува на гасот, ја обвини Москва за „планиран терористички напад“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, посочи дека станува збор за прашање „коешто се однесува на енергетската безбедност на целиот континент“. Според него, „очигледно е дека постои некој вид уништување, и пред да се појават резултатите од истрагата, не може да се исклучат сите опции за тоа што го предизвикало тоа“.

Шведската, норвешката и данската сеизмолошка агенција забележале два подводни потреса, коишто „веројатно се последицата на детонации“ кои ги предизвикале експлозиите на гасоводите.

„Сите достапни информации укажуваат дека истекувањата се резултат на намерен чин. Ќе ја поддржиме секоја истрага чијашто цел е целосно да разјасни што се случило и зошто, и ќе преземеме натамошни чекори за зголемување на нашата отпорност во рамките на енергетската безбедност“, наведува Борел во изјавата објавена на Twitter.

Борел додава дека „секое намерно попречување на европската енергетска инфраструктура е крајно неприфатливо“ и дека на тоа ќе се реагира со „силен и единствен одговор“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен во вторникот ноќта на Twitter напиша дека со данската премиерка Мете Фредерискен „разговарала за саботажата на двата гасовода“.

„Клучно е да се истражат овие инциденти и да се стори сѐ за да се расветлат околностите поради кои дошло до нив (…) секое намерно нарушување на европската енергетска инфраструктура е неприфатливо и ќе предизвика најцврст можен одговор“ објави фон дер Лејен.

Претходно Фредерискен рече дека „властите мислат оти станува збор за намерни активности“. „Не зборуваме за несреќен случај“, изјави премиерката на прес-конференција.

Шведска и Данска, меѓутоа, не сметаат дека станува збор за напад врз нив, бидејќи инцидентите се случиле надвор од нивните територијални води, во ексклузивните економски зони на двете скандинавски земји.

Шведската министерка за надворешни работи Ана Линд во средата за јавната телевизија SVT изјави дека моќната саботажа на системот Северен тек не претставува напад врз Шведска.

„Тоа не е напад врз Шведска, бидејќи не се случи на нашата територија. Станува збор за меѓународен инцидент“, рече Линд,

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторникот изјави дека Вашингтон е подготвен да им помогне на европските сојузници во областа на енергетската безбедност и истакна дека се води истрага за да се утврдат причините за истекувањето на гасот од руските подморски гасоводи Северен тек 1 и Северен тек 2 ви Балтичкото Море во водите на Шведска и Данска, два дена откако беа забележани инцидентите. Белата куќа, пак, се воздржа од шпекулации додека трае истрагата за инцидентот.

„Се спроведува истрага за истекувањата (на гасот), првичните извештаи покажуваат дека тоа може да е резултат на напад или чин на саботажа. Но тоа се првични извештаи, а сѐ уште немаме потврда. Но доколку се потврди, тогаш тоа очигледно не е во ничиј интерес. Колку што разбрав, истекувањето нема да има значително влијание врз енергетската сигурност на Европа“, изјави Блинкен.

„Нашите европски партнери спроведуваат истрагга. Подготвени сме да им помогнеме“, изјавија претходно во вторникот од Советот за национална безбедност на Белата куќа. Велејќи дека не сака да шпекулира за причините за истекувањата руската инфраструктура клучна за испораките на гасот од Русија во Европа, додаде дека „тоа ја потврдува важноста на нашите заеднички напори за наоѓање алтернативни извори за снабдување на Европа со гас“.

Полскиот европратеник Радек Сикорски ноќта кон средата на социјалните мрежи изрази одушевеност од експлозиите на руските гасоводи и изрази „благодарност до САД“ наведувајќи дека гасоводот имал само логика рускиот претседател Владимир Путин да може „неказнето да ја уценува и да води војна“ во источна Европа, како и дека Украина и Балтичките земји 20 години се противеле на Северен тек.

„Сега 20 милијарди долари старо железо лежат на дното на морето, што е уште една цена за Русија за нејзината цена за криминалната одлука да ја нападне Украина“, додава Сикорски.

Полскиот премиер Матеуш Мазовјецки, чијашто земја токму во вторникот во функција го стави Балтичкиот гасовод од Норвешка, имплицираше на наводна руска вмешаност,

„Јасно е дека станува збор за саботажа која најверојатно ја најавува следната фаза од ескалацијата на ситуацијата во Украина“, рече Морвјецки без да прецизира на што мисли во врска со инцидентот.

Преку Северен тек 1 се испорачува гасот од Русија кон Европа, откако Полска и Унгарија ги блокираа другите два правца преку нивните територии. Северен тек 2, исто така по дното на Балтичкото Море, беше довршен во септември 2021 година. САД се противеа наведувајќи дека Германија и Европа ќе ја зголемат енергетската зависност од Русија, а се противеа и Полска и балтичките земји, а особено Украина затоа што ќе останеше без милијардите долари приходи од транзитот на рускиот гас.

Берлин по доаѓање на власт на коалицијата предводена од социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц, попушти на притисоците од Вашингтон, и го суспендираше Северен тек 2 уште пред почетокот на војната во Украина. Гасоводот во тој момент беше исполнет со 300 милиони квадратни метри гас, а дизајниран е за 55 милијарди кубни метри годишно, како и за испораки на водород.