ЕУ воспоставува платформа за обнова на Украина

Европската унија ќе воспостави платформа за координирање за обновата на Украина која некогаш ќе заврши војната со Русија, изјави во понеделникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Платформата ќе се користи за утврдување на инвестициските потреби, координирање на активностите и насочување на ресурси, рече фон дер Лејен на Конференцијата за закрепнување на Украина во швајцарски Лугано.

„Од почетокот на војната, ЕУ мобилизираше околу 6,2 милијарди евра финансиска поддршка. И уште повеќе ќе дојдат. Значително ќе се ангажираме на среднорочната и долгорочната обнова“, изјави шефицата на Европската комисија.

Платформата ќе ги собира земјите, институции, приватниот сектор и цивилното општество. Исто така, ќе вклучува и меѓународни организации, како Европската банка за обнова и развој (EIB) и Европската инвестициска банка (EIB), која предлага финансиска структура којашто се користеше во текот на пандемијата Covid-19, за со инвестиции до 100 милијарди евра би ѝ се помогнало на Украина.

Фон дер Лејен изјави дека ЕУ има посебна одговорност и стратешки интерес да биде на страната на Украина. Исто така, тврди дека ЕК има експертиза во водењето на програмите кои ги обединуваат реформите и вложувањата.

Откако Украина и официјално стана кандидат за членство во ЕУ, соработката со Киев само уште дополнително ќе биде засилена, порача фон дер Лејен.

На Украина ќе ѝ бидат потребни 750 милијарди американски долари за планот за закрепнување во три фази по завршувањето на војната, изјави премиерот Денис Шмигал на конференцијата. Рече и дека „руската инвазија врз инфраструктурата предизвикала директна загуба од над 100 милијарди долари“.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во видео-обраќање на конференцијата порача дека повторната изградба на неговата земја ќе биде „заедничка задача за целиот демократски свет“.